Белорускиот слободен театар со „Црвената шума“ на МОТ
Белоруски слободен театар од Лондон, кој се смета за една од најистакнатите политички театарски трупи во светот ќе настапи вечер во рамки на Млад отворен театар со претставата „Црвената шума“.
За претставата, која ќе се игра во терминот од 20 часот на сцената на МКЦ, се наведува дека е една нова епска легенда за 21-от век, создадена од неверојатни вистински приказни од целиот свет, преплетени со вчудовидувачко видео и хипнотизирачка музика во живо.
- Од Белорусија до Централна Африка, преку Австралија, Бразил и Сирија, Црвена шума раскажува вистински животни приказни за луѓе што живеат во завојувани подрачја, во диктатури, во неправедни и нееднакви општества низ светот. Белорускиот слободен театар непоколебливо се занимава со глобалниот проблем на деструкцијата создадена од човекот, креирајќи современа народна приказна за глобаризираниот свет.
Белорускиот слободен театар е основан како директен одговор на апсолутната цензура на слободата на изразување во Белорусија. Како едни од најгласните критизери на репресивниот режим, неговите основачи морале да побегнат од државата и од 2011 година живеат во егзил, како политички бегалци, во Велика Британија. Во изминатава декада, Театарот привлекува меѓународно внимание поради неизгасливата посветеност да ги предизвикува бруталноста и неправдите на диктатурата, обелоденувајќи ги универзалните човечки вистини и откривајќи ги табуата со непоколеблива искреност.
Денес, трупата брои 32 артисти од Велика Британија, САД, Нигерија. Станува збор за вистински меѓународна и храбра трупа уметници. Повеќето од нив претрпеле закани и биле апсени и затворани од страна на КГБ поради работењето во Белорускиот слободен театар, но независно од тоа, тие продолжиле да настапуваат на тајни локации во белоруското подземје.
Во терминот од 18 часот на сцената на МОБ гостува претставата „Федра“ по текст на Сашо Димоски во режија на Александар Ивановски, копродукциски проект на НУКЦ театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес и Словенско младинско гледалишче од Љубљана.
Во „Федра“ која, се наведува, е втора фестивалска премиера, играат двајца исклучително важни актери од двата театри. Маруша Облак, познатата словенечка актерка и врвен професионалец, посветена на истражувањето на малите драмски форми и Васил Зафирчев, кој македонската јавност ѝ е познат по својата исклучителна актерска креативност, која ги држи во симбиоза и танцовиот и драмскиот театар, и театарот од истокот и театарот од западот.
- Авторот на текстот, Димоски, предизвикот на оваа драмска предлошка го гледа меѓу прашањата: „Дали смртноста е последица од волјата на боговите за подбар свет? Каде завршува телото, каде почнува душата, која е границата на небото? Што е светот, или подобро – што направивме од светот денес, кога никој друг не останал за да соучествува под Сонцето? Кои сме јас и ти? ....Наспроти неговиот поетичен израз, режисерот Александар Ивановски, ја конструира претставата така што ја дефинира како современо читање на митската матрица за Федра и нејзиниот посинок Хиполит, и неможната голема љубов меѓу нив, наведуваат организаторите за претставата.
Турскиот театар од Скопје во 22:30 часот во Театар Комедија ќе ја изведе „Прометеј“ од Есхил во режија на Дејан Пројковски. За оваа претстава, која беше премиерно изведена година, белег пред сè е, силно истакнатата колективна игра на целокупната екипа, која произлегува од силно видливиот, природен, ненаметлив, а сепак суштински спој на млади актери, сè уште студенти со искусните актери од театарот.
- Оваа грчка трагедија, која преточена во претстава би можела лесно да стане здодевна, овој пат, поради режисерскиот концепт, прецизноста на кореографиите на Олга Панго, како и поради отвореноста на целокупната актерска екипа да се втурне во едно сосема современо читање на античката драма, станува: современа, болна, претстава што допира до најинтимните човечки делови и претстава што вреди да се доживее, се оценките за претставата.
Инаку, во рамки на придружната програма на МОТ предвиден е и панел „Молк на сцена“ кој ќе се одржи напладне во МКЦ. Гости на третиот и последен панел се режисерот Срѓан Јанаќиевиќ, Иванка Апостоловска од ИТИ центар Македонија и актерот Слободан Трендов, а модератор е Кристина Леловац.
Фестивалската вечер ќе биде заокружена со концертен настап на Тони Китановски Трио на платото пред МКЦ.
Ново на Сител
-
Дали електричните возила ќе ги натераат скопјани да ги продадат сопствените автомобили?
-
Кочанчани на протест заради депонирање на отпад од соседните општини
-
Центри за ментално здравје
-
Преглед на вестите од светот
-
Перински ги почна консултациите за измените на законот за локална самоуправа
-
Штипски „Исар“ ќе ги намалува загубите на вода со инсталација на СКАДА системот
-
5 жртви на подрачјето на СВР Охрид
-
Преглед на вестите од светот