Свет
7. April 2017 - 14:54

Берлин ќе ги укине парите за екстремистичките партии

Првиот човек на германското Министерство за внатрешни работи, Томас Де Мазиер, денеска најави дека по консултации со своите колеги од министерствата за финансии и правда ќе предложи закон со кој екстремните десничарски партии нема да можат да добиваат пари од државата.

Како што јавува дописникот на МИА од Берлин, Де Мезиер заедно со Волфганг Шојбле и Хајко Мас договориле законски измени на законот за финансирање на политичките партии, што доколку мине во Парламентот ќе ја остави партијата НПД (Национална Демократска партија) без финансиска помош од државата, што и следува за секој добиен глас.

Предлогот на двете најголеми германски партии, ЦДУ и СПД, доаѓа откако во јануари германскиот Уставен суд го отфрли барањето на Владата за забрана на НПД поради нејзината расистичка и антисемитистичка агенда. Доколку уставните судии ја забранеа НПД тоа автоматски ќе ги запреше сите исплати на сојузните, покраинските и општинските пари кон партијата.

Партијата НДП, која отворено промовира антисемитски, антимуслимански и расистички идеи, нема пратеници во сојузниот Парламент, но има преставници во покраинските и општинските парламенти, со што е дел од системот за исплата на државна помош согласно бројот на освоени гласови.

Според министерот за правда, Хајко Мас, „државата не смее да финансира непријатели на демократијата“, но неговото министерство допрва треба да најде начин со закон во Бундестагот да ја анулира одлуката на германскиот Уставен суд, кој смета дека НПД како партија не ги крши германските закони.