Свет
6. јуни 2016 - 14:09

Берни Сандерс: Останувам во изборната трка до самиот крај

Сенаторот од Вермонт Берни Сандерс, кој учествува во битката за номинација на Демократската партија за претседателските избори во САД, изјави дека останува во трката „до самиот крај“ иако водечкиот претендент Хилари Клинтон, сосема се приближи до обезбедувањето победа.

- Нема да се повлечам од изборната трка дури Клинтон и да успее да ги обезбеди потребните 2383 делегати за конвенцијата, идниот месец, изјави Сандерс за „Њујорк Тајмс“, во разговор на само два дена пред прајмери изборите во Калифорнија и Њу Џерси.

Весникот забележува дека гласањето во Калифорнија, сојузна држава која дава најмногу делегати е од исклучително значење за Сандерс, доколку сака да остане во изборната трка до формалната номинација.

Тоа за него ќе претставува силен поттик за да бара на конвенцијата да се гласа за него или за Клинтон, но по победата во Порторико, на поранешниот сенатор и државен секретар и се потребни само уште 28 делегати, што се очекува да ги обезбеди на утрешниот „супер вторник“.

Сандерс сепак инсистира дека демократската конвенција нема да биде само формализација на победата на Клинтон, туку натпревар, затоа што тој се уште лобира „суперделегатите“ да променат страна.

Суперделегатите се високи функционери на Демократската партија и лидерите на сојузните држави и тие во најголем број веќе се определиле за Хилари Клинтон, но Сандерс бара од нив да се свртат кон него.

Сенаторот Сандерс тврди дека тој е посилен кандидат против републиканецот Доналд Трамп, повикувајќи се на некои анкети според кои тој би извојувал поуверлива победа од Клинтон.

На последните митинзи во Калифорнија, Сандерс одново ја нападна Клинтон овојпат дека како државен секретар „земала донации од странство“ за фондацијата на нејзниот сопруг Бил Клинтон.

Американските медиуми забележуваат дека во текот на целата кампања, таа има многу повеќе проблеми од својот сопартиец Сандерс, отколку од Трамп и републиканците.

- Нам (на САД) ни се потребни вистински промени, изјави 74-годишниот Сандерс во Калифорнија, уверувајќи ги гласачите дека тој може да ги направи таквите промени.