Живот
4. April 2023 - 11:38

Бесплатен курс за едрење за млади скипери

Едриличарската федерација на Македонија, во соработка со едриличарските клубови од Охрид, Струга и Скопје, со поддршка од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка, организира бесплатен курс за едрење за млади скипери.

Целта, како што соопшти Федерацијата, е зголемување на бројот на лиценцирани скипери, кои ќе можат да реализираат комерцијални тури со едрилици и да остваруваат дополнителни приходи во летниот период преку оваа дејност. Курсевите ќе се организираат во Охрид и Струга под менторство на инструктори лиценцирани од страна на Меѓународната Асоцијација на Школи за Едрење (ISSA – International Sailing Schools Association).

– Kурсот е согласно програмата на Меѓународната Асоцијација на Школи за едрење, прилагоден за почетници без искуство, но и за помалку искусни едриличари кои сакаат да ги усовршат своите вештини, а се содржи од теоретски и практичен дел, стои во информацијата.

Во теоретскиот дел, како што е наведено, ќе се учат основни делови на едрилицата и нејзината опрема, основи на метеорологијата и едриличарски принципи, како и правила за безбедно пловење. Низ практичниот дел, пак, додаваат, ќе се изучуваат основното управување со едрилицата, едрење во различни курсеви во однос на ветерот, едрење на слаб и умерен ветер, основни едриличарски јазли, испловување и пристанување, а сериозен акцент ќе се даде на стандардните безбедносни процедури, односно безбедноста во пловењето.

Курсот ќе се организира од 20 април до 20 мај, во период од седум дена, а според најавата, распоредот ќе биде флексибилен и во согласност со потребите на сите учесници.

– После завршување на курсот, секој учесник има обврска, на свој трошок да положи испит и да се стекне со сертификат – Управувач на чамец, кој го издава Капетанија на пристаништата. Сите заинтересирани лица над 16 години, кои гледаат можност за остварување дополнителни приходи во текот на летната туристичка сезона може да се пријават на линкот: https://forms.gle/yVuVE7QZz14rt9wG8, соопшти Едриличарската федерација на Македонија.

Едриличарската Федерација, посочуваат, во зависност од бројот на пријавени кандидати ќе изврши селекција, со цел ефективна и ефикасна реализација на курсот.