Македонија
11. јуни 2023 - 14:25

Битиќи и Спасовски со сочувство по повод смртта на Димовски

 Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изразија сочувство по повод смртта на Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Во објава на својот фејсбук-профил, Битиќи посочува дека Димовски беше вистински партнер со кого „сработевме многу за заштита и унапредување на работничките права“.

- Дарко почивај во мир! Сочувство до семејството, соработниците и пријателите, напиша Битиќи.

Во објава на својот фејсбук-профил, Спасовски посочува дека Димовски беше пример за сеопфатно застапување на интересите на сите работници.

- Во свое и во име на МВР изразувам сочувство до семејството и најблиските на прерано починатиот Дарко Димовски, претседател на ССМ. Димовски беше пример за спроведување на социјална правда, за сеопфатно застапување на економските и социјалните интереси на сите работници. Нека почива во мир, напиша Спасовски.

Од Синдикатот информираа дека Дарко Димовски почина по кратко боледување на 45-годишна возраст. 

- Колегите, соработниците и работниците ќе го паметат како голем борец за работничките права кој остави длабок белег во синдикалното и работничкото движење на Македонија. Од името на Сојузот на синдикатите на Македонија, изразуваме длабоко сочуство на неговото семејство, соопшти денеска ССМ.