Македонија
17. February 2016 - 15:46

Битолскиот театар со три претстави од Сонетите на Шекспир

НУ Народен театар-Битола денеска ги почна подготовките за три театарски претстави инспирирани од Сонетите на Вилијам Шекспир кои секоја одделно ќе ги режираат Јован Ристовски, Ангелчо Илиевски и Благој Мицевски.

На денешната прес-конференција во Битола, директорот на театарот, Валентин Светозарев нагласи дека во трите претстави ќе настапат сите актери вработени во оаа национална установа.

- Овие проекти се поддржани од Министерството за култура. Трите театарски претстави ќе бидат одиграни на „Битола Шекспир фестивал“ како една компилација. Но, исто така очекуваме овој производ да го понудиме на големиот театарски пазар во светот и објективно очекуваме повеќе настапи на фестивали во светот. Воедно на овој начин го одбележуваме големиот датум во светската уметност, односно 400 години од смртта на Вилијам Шекспир, и токму затоа во април ќе биде и премиерата на овој најнов проект, истакна Светозарев.