Македонија
22. December 2021 - 15:20

Бочварски: Стојам на располагање да му помогнам и на идниот мандатар

Не е мое да дискутирам кој би бил одговорен на кој ресор во идниот период. Тоа е прашање кое ќе го одговори идниот мандатар што ќе го добие мандатот да составува влада. Сметам дека сега е време да работиме, а не да лицитираме со имиња, посочи денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

-Сметам дека е прерано да се лицитира со имиња или да дискутираме кој каде се гледа. Тоа е работа на идниот мандатар. Денеска очекуваме да биде поднесена оставката од претседателот на Владата, а со тоа и на целата Влада за потоа во законски утврдените рокови идниот мандатар си ги направи својот кабинет и својот тим. Тоа е негово право во законскиот рок да определи тим со кој ќе работи на продолжување на сите многу значајни проекти за државата, рече Бочварски во одговор на новинарско прашање пред денешната работна средба со Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија.

Нагласи дека мандатарот има апсолутно право и временски утврден рок по закон за  да состави нова влада.

-Стојам на располагање да му помогнам и на идниот мандатар за да продолжиме со развој на проектите во идниот период во делот на инфраструктурата во државата. Ќе разговарам со идниот мандатар и доколку ги отвориме сите проекти и концепти кои ги има, начинот на работа кој го предлага како иден премиер, му стојам на располагање, прецизира Бочварски.