Божиновска: Жените се неискористениот интелектуален мотор на енергетиката

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше и се обрати на kick-off настанот на проектот PULSE и Мрежата на жени на ЕВН Македонија, каде силно ја поддржа иницијативата за зајакнување на родовата еднаквост и инклузивноста во енергетскиот сектор. Во своето обраќање, министерката истакна дека енергетската транзиција е и длабоко социјален и економски процес, во кој вклученоста на жените е клучен предуслов за успех.
-Енергетиката е ’рбетот на државата, а жените се нејзиниот неискористен интелектуален мотор. Ако исклучиме половина од човечкиот потенцијал, ние веќе сме во енергетски дефицит, порача Божиновска.
Таа, како што велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, нагласи дека нов систем не може да се изгради со стар менталитет и дека одржливата енергетска транзиција бара жени таму каде што се носат одлуките, се водат проектите и се распределуваат ресурсите.
Министерката потсети дека енергетскиот сектор глобално поминува низ најдлабоката трансформација во својата историја – од декарбонизација и дигитализација, до интеграција на обновливи извори и паметни мрежи – процеси кои бараат нови вештини, аналитичност, иновативност и флексибилност, токму оние квалитети каде жените можат и треба да имаат водечка улога.
Како значаен показател за напредокот, Божиновска посочи дека за првпат во 2024 година капацитетот на соларната енергија во земјава го надмина оној на хидроенергијата, што претставува огромен успех за зелената агенда, но и сериозен инженерски и менаџерски предизвик за дистрибутивната мрежа.
-Модерната енергетика бара лидерство што знае да води промена и култура што знае да задржи талент. Различноста не е прашање на правичност, туку предуслов за прагматични и издржливи решенија, истакна таа.
Министерката се осврна и на постојните бариери за напредок на жените во секторот, посочувајќи дека тие не се резултат на недостиг на самодоверба, туку на застарени корпоративни модели и нефлексибилни системи што не ги препознаваат и вреднуваат нивните лидерски вештини.
-На тоа не треба да се гледа како на чин на љубезност кон жените, туку паметна деловна одлука. Тимовите со родова различност носат повеќе иновации, подобра профитабилност и подобро управување со ризици. Ако губиме талент, ние свесно губиме и иднина, порача Божиновска.
Таа ја поздрави посветеноста на ЕВН Македонија, како потписник на Принципите за зајакнување на жените (WEPs) на Обединетите нации и иницијатор на проектот PULSE, оценувајќи дека оваа програма не е „паралелна приказна“, туку дел од моторот на трансформацијата на секторот.
-Одржлива енергија бара одговорна компанија, а одговорна компанија бара лидерство што ги отвора вратите за најдобрите. PULSE и Мрежата на жени во ЕВН Македонија се токму тоа – пулсот на новата енергетика, истакна министерката.
Божиновска им порача на младите жени во енергетиката да „не чекаат дозвола за да водат, заземете го своето место. Не ги замолчувајте своите идеи, кажете ги гласно. Посилни сте отколку што мислите“.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како што нагласи таа, останува отворено за соработка со приватниот сектор преку интегрирање на родовата компонента во сите енергетски стратегии и политики.
-Заедно пулсираме напред – ги зајакнуваме жените, го зајакнуваме нашиот сектор и ја предводиме енергетската иднина“, порача министерката Божиновска.
МИА
Ново на Сител
-

Три лица завршија во притвор: Кроеле план за одмазда на нивните браќа кои биле осудени за тероризам
-

Кумановци одбележуваат 82 години од загинувањето на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош
-

Измамена 76-годишна жена од Битола за 7 000 евра
-

Ѓорѓиевски: Скопје добива нов лик, интензивно се работи на клучката кај „Момин Поток“ и на „Љубљанска“
-

Арагчи: Иран би можел да нападне американски бази како одговор на потенцијален напад
-

Саудиската лига губи милијарди по заминувањето на Фокс спортс поради контроверзноста околу Роналдо
-

Приведен скопјанец, од фирмата каде е вработен одзел близу три милиони денари
-

Истражна постапка против три лица за „злосторничко здружување“, определен притвор
