Свет
26. December 2016 - 15:48

Британците за „Боксинг деј“ се очекува да потрошат четири милијарди фунти

Британските потрошувачи се очекува во текот на денешниот ден, познат како „Боксинг деј“ да потрошат околу четири милијарди фунти, предвидуваат експерти на британската трговска комора.

Станува збор за традиционалната потрошувачка грозница што ја зафаќа Британија меѓу вториот ден од англиканскиот Божик и Нова година.

Најголемиот број од Британците денеска не одат на работа, училиштата се затворени до после Нова година, а многумина ги имаат споени празниците, правејќи долг зимски одмор, па сите имаат доволно слободно време да се „фрлат“ на купување.

Шопингот на овој ден е најмногу интересен, затоа што цените на голем број производи денеска и во наредните денови се значително пониски, па намалувањата се движат меѓу 50 и 70 отсто.

Британците од внатрешноста се дојдени во Лондон уште од вчера, или во раните утрински часови, денеска, и веднаш се застанати во редовите пред стоковните куќи и пред влезните врати на големите трговски центри.

Пред голем број продавници во центарот на Лондон и другите големи градови, редови со купувачи имало во текот на целата ноќ.

Најголем интерес за купување има кај сите текстилни производи и облеката, како и кај производите за домакинствата- од мебел и бела техника, до електронските производи.

Трговците во Лондон се надеваат и на поголеми резултати во денешната „навала од купувачи“ очекувајќи освен Британци во шопингот да се вклучат и странските гости и туристи од соседните земји, а пред се од Франција, поради сегашниот поволен курс на еврото во однос на британската фунта.

„Боксинг деј“ потекнува уште од 17 век и првично значело- „ден кога банкарските шалтери (боксови) не работеле“ - за банкарите да може мирно и без странки, да направат попис на својата работа во текот на годината, се до божикните празници.

Тој неработен ден за банкарите и лихварите, подоцна се претворил во она што сега се нарекува „потрошувачка лудница“ кога наместо на работа сите се излезени на шопинг.