Балкан
10. July 2020 - 16:27

Брнабиќ: Најлош ден за Србија, заразени 386, починати 18 лица

Во Србија денеска се потврдени 386 заразени и 18 починати лица од новиот коронавирус, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ, додавајќи дека резултатите од протестите ќе се видат во следните денови.

– Денеска е најлош ден од почетокот на борбата против коронавирусот, и поради тоа сакав лично да им се обратам на граѓаните. Во изминатите 24 часа починаа 18 луѓе, 130 се наоѓаат на респираторни машини и од 8.646 тестирани имаме 386 новозаразени лица. Најкритично е во Белград, а потоа следуваат Шабац, Крагуевац и Нови Пазар, истакна премиерката.

Според неа, ова е резултат на недисциплината од пред пет-шест дена, а резултатите од протестите ќе се видат за три-четири дена.

– Нема да се двоумиме за воведување рестриктивни мерки за да го зачуваме здравјето на луѓето. Мое мислење е дека најефикасна мерка е воведување на вонредна состојба и забрана за движење, но се трудиме овојпат да имаме поинаков пристап бидејќи ова е борба која ќе трае долго, порача Брнабиќ.

Сепак таа изрази верување дека резултати можат да се постигнат и без најтешки мерки.

– Ве молам луѓе, ќе изумрат и останатите пациенти. Ги молам граѓаните во ова да бидеме заедно, овој вирус е таков и борбата е на сите нас одделно. Во овој момент граѓанска одговорност е да не се собирате во толкав број на јавно место. Јас ви гарантирам дека голем број од учесниците на протестите ќе бидат хоспитализирани. Кога ќе го победиме заедничкиот непријател, тогаш можеме да ги водиме сите останати политички борби, изјави Брнабиќ.
 
Таа нагласи дека влошувањето на епидемиолошката ситуација е видливо во целиот регион.