Балкан
9. April 2022 - 14:23

Брнабиќ: Не е постигнат договор со Дачиќ да биде премиер

Досегашната српска премиерка и потпретседател на Српската напредна партија (СНС) Ана Брнабиќ изјави дека не знае кој ќе биде идниот премиер, како и што ќе работи во иднина, нагласувајќи дека со лидерот на СПС Ивица Дачиќ не е постигнат договор тој да биде иден претседател на владата, јави дописникот на МИА од Белград.

Таа истакна дека не и се допаѓаат одредени потези на Социјалистичката партија на Србија (СПС) во предизборната кампања, каде СПС, според неа, свесно тргнала да ги земе гласовите на СНС со својата неодговорна проруска политика, додавајќи дека тоа го сфатила како предавство на тимот.

– Ги обвинувам нашите партнери од СПС што одеа на тоа да ни ги земат гласовите на изборите врз основа на неодговорна политика, изјави Брнабиќ за ТВ Пинк.

– Тоа не е одговорно однесување, изгубивме поени за тоа. Нашите гласови се прелеаа на СПС, НАДА, нешто на Радикалите, на Заветници, на сметка на тоа што водевме одговорна политика и ја чувавме Србија од сите бури. Бескрајно сум горда на тоа. Александар Вучиќ можеше да води каква било кампања и да добие три милиони (гласови), доколку инсистираше да се гласа на Косово, на русофилската политика, но тоа немаше да биде добро за земјата, изјави Брнабиќ.

Таа нагласи дека некои потези на СПС ги доживува како предавство на тимот, поради што не и било пријатно.

– Договор немаше, затоа што какви било договори однапред не се согласно принципите на СНС. Прво да слушнеме што има народот да каже и како ќе гласа. Ние не сме од оние што делиме функции, пред да го чуеме гласот на народот, порача Брнабиќ.