Бројот жртви во земјотресите во Венецуела достигна речиси четири илјади

Бројот загинати во двата разорни земјотреса што ја потресоа Венецуела на 24 јуни се искачи на 3.811, додека 16.740 лица се повредени, а 17.907 луѓе останале без покрив над главата, соопшти денеска претседателот на Националното собрание на Венецуела, Хорхе Родригез.
Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, повторно повика на укинување на меѓународните санкции и ослободување на замрзнатите државни средства во странство, со цел забрзување на обновата на подрачјата погодени од земјотресите.
„Венецуела има блокирани ресурси низ целиот свет што можат да бидат искористени за процесот на реконструкција“, изјави Родригез за државната телевизија, додавајќи дека средствата се потребни и за програми за вработување и образование.
Соединетите Американски Држави, Европската Унија и други земји во текот на изминатите две децении воведоа низа санкции кон Венецуела поради обвинувања за нарушување на демократските процеси и поврзаност на властите со трговија со наркотици. Поголемиот дел од тие мерки и натаму се во сила.
Вашингтон по земјотресите привремено за период од четири месеци одобри одредени трансакции поврзани со хуманитарната помош и санација на последиците од катастрофата, што инаку би биле опфатени со санкциите.
Родригез изјави дека испратила писмо до британскиот крал Чарлс Трети со барање за ослободување на венецуелското злато што се чува во британските трезори, како и дека разговарала со претставници на Меѓународниот монетарен фонд за деблокирање финансиски средства.
„Банката на Англија„ со години одбива да ослободи околу 31 тон венецуелско злато што се наоѓа во нејзините трезори. Прашањето околу располагањето со тој имот е предмет на долгогодишен судски спор пред британските судови.
МИА
Ново на Сител
-

СП 2026: Нов проблем за ФИФА и одигрувањето на финалниот натпревар
-

Аларм за воздухот во САД пред финалето на Мундијалот: Чадот од канадските пожари стигна до Њу Џерси и Њујорк
-

Ѓорѓиевски: Децении лажни ветувања завршуваат денес, Горно Оризари конечно добива достојни услови за живот
-

Лишен од слобода скопјанец, одземени две товарни возила со криумчарена стока на македонско-косовската граница
-

41-годишник со камења ги мавал даночните контролори на локалитетот “Куклица”
-

Успешно заокружен првиот циклус од Лидерската академија на Flex Group: Стратешка инвестиција во развој на менаџерскиот кадар
-

Савески: Одлуката за жалба за „Талир 2“ ќе биде донесена по анализа на пресудата, а Ленче Ристоска ќе постапуваше доколку не поднесеше оставка
-

Зголемен бројот на ученици и студенти сместени во домови и интернати
