Балкан
1. May 2021 - 14:41

Бугарска црковна делегација замина по благодатниот оган во Ерусалим

 Бугарска црковна делегација, предводена од митрополитот врачански Григориј, денеска со владин авион замина за Израел за да го донесе во Бугарија благодатниот оган од Светиот Гроб.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, црковната делегација се очекува околу 19 часот по локално време да се врати на аеродромот во Софија, од каде потоа благодатниот оган ќе биде разделен низ сите делови на Бугарија.

Од аеродромот, огнот ќе биде пренесен во капелата на Синодалната палата во Софија. Меѓу 23:30 и 23:40 часот, фенерот со огнот ќе биде изнесен од капелата во Синодалната палата и со литургиска поворка ќе биде пренесен до Патријаршиската катедрала „Свети Александар Невски“, каде ќе се одржи вечерната богослужба по повод Велиден.

Раководителот на Одделот за односи со јавност на Светиот синод на БПЦ, отец Николај Георгиев за МИА изјави дека доколку Македонската православна црква посака, нејзини претставници можат да добијат дел од благодатниот оган, без никакви формалности или прелиминарни писма до Светиот синод.

МИА потсетува дека во 2019 година заедно со бугарската црковна делегација на преземање на благодатниот оган во Израел присуствуваше и македонски митрополит, по што два фенери со огнот беа пренесени во Скопје.