Македонија
4. November 2022 - 16:34

Бугарското МНР реагира за законските измени, македонски организации со претставка до ЕК за Бугарија

Донесените измени на Законот на здруженија и фондации – повод за сериозна загриженост на бугарското МНР. Со забраната за формирање правни субјекти со контроверзни имиња во земјава, се врши дискриминација и ограничување на правото на здружување на Бугарите во Македонија, а сето тоа преку еднострано толкување на историските факти, смета бугарската дипломатија.

„Легитимната потрага за спротивставување на сите форми на екстремизам и омраза не може да се инструментализира за намерно ограничување на правата на одредени заедници. Ограничувања од ваков карактер веќе им беа наметнати на Бугарите во Северна Македонија во минатото. Со слични аргументи, во 2001 година беше забранета организацијата „Радко“, која е псевдонимот на Иван Михаилов”, се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Софија замерува и на тоа што во законските измени не бил вклучен комунизмот како тоталитарна и репресивна идеологија. Се бара законска мерка за рехабилитација и обештетување на жртвите од комунистичкиот режим, а се оценува и дека законските измени се во спротивност на Договорот за добрососедство.

Реакцијата на бугарското МНР доаѓа откако претходно, бугарскиот суд го ликвидираше Здружението за заштита на индивидуални човечки права, организацијата која го отвори клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград.

Ова ги натера од „Нов Асном” Здружението на Македонците од дијаспората и забранетото македонско здружение, да поднесат претставка во Европската Комисија против Бугарија.

Адвокатскиот тим вели дека Европската комисија ќе има 4 месеци да поднесе иИзвештај во однос на претставката, а доколку се добие позитивно мислење, Бугарија ќе биде парично казнета.