Царовска: Највисок приоритет е училиштата да останат безбедни и отворени што подолго
Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска се сретна со директорите на основните и средните училишта во Битола. На состанокот се разговараше за текот на наставата со физичко присуство во услови на пандемија, за реформите во основното образование и за процесот на унапредување на средното стручно образование.
Како што соопшти Министерството за образование и наука, Царовска на средбата посочи дека оваа учебна година почна со физичко присуство и додаде дека е година во која имплементираме целосно нови наставни програми во прво и четврто одделение.
-Досега целиот овој процес тече според предвидениот план и динамика за што сте заслужни вие директорите и локалните самоуправи кои посветено работевте на време да ги подготвите училиштата и да ги обезбедите потребните услови со цел да имаме успешна учебна година. Би сакала да се заблагодарам и на наставниците кои ги поминаа потребните обуки и веќе се прилагодуваат на новиот концепт. Исто така, сите заеднички продолжуваме будно да ја следиме состојбата со Ковид во училиштата, која засега е стабилна и верувам дека со доследно почитување на мерките, училиштата ќе останат безбедни и што подолго отворени за учениците, рече Царовска.
Директорите на состанокот рекоа дека сите предизвици ги решаваат брзо и одговорно бидејќи нивен приоритет е учениците и наставниците да имаат соодветни услови и ресурси за непречена настава. Тие истакнаа дека планот и протоколите се почитуваат доследно и дека процентот на заразени ученици и наставници во битолските училишта е мал.
Според последниот извештај на Комисијата за заразни болести, состојбата со Ковид-19 во училиштата во државата е стабилна, се следи на дневно ниво и според проценките на Главниот координативен кризен штаб засега нема потреба од промена на моделот за начинот на одвивање на наставата бидејќи нема интерна трансмисија на вирусот во училиштата.
-На состанокот се констатираше и дека образовниот систем е подготвен и за останатите резервни сценарија, доколку се појави потреба од нивна примена. Директорите на основните и на средните училиштата потврдија дека ги имаат сите потребни ресурси за брзо преминување кон онлајн учење, ако има некаква одлука за тоа, се наведува во соопштението.
Според последните податоци на Министерството за образование и наука добиени од училиштата, на дневна основа бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240 илјади ученици, што е исклучително низок процент. Вакциниран е над 72 отсто од наставниот кадар, што е речиси двојно повеќе од националниот просек.
Ново на Сител
-
Скијачки центар Михајлово се отвора вo среда, најавен и превоз од Кавадарци
-
ОН одобри нова мировна мисија во Сомалија
-
Јамал: Ќе се вратам уште посилен по повредата
-
Русија соопшти дека ноќеска уништила десетици беспилотни летала кои Украина ги користела за напад на нејзина територија
-
Сиљановска-Давкова, Мисајловски и Лафчиски на видео-конференциска врска со македонските мировници
-
Мексико: Се судрија автобус и камион, осум загинати, 27 повредени
-
Ново обвинение за струшкиот градоначалник, одземен му е пасошот и друга исправа за преминување граница
-
Трамп го повика Врховниот суд да го прекине спроведувањето на законот за забрана на ТикТок