Бизнис
3. October 2017 - 18:01

Центарот за развој на Источно планскиот регион реализираше 30 проекти во периодот од 2009-2016

Центарот за развој на Источно планскиот регион денеска во Штип презентираше дека во периодот од 2009 до 2016 година реализирани се 30 регионални проекти кои се финансирани од страна на Министерството за локална самоуправа, преку Бирото за рамномерен регионален развој.

Директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева вели дека сите реализирани проекти се презентирани во каталогот. Вкупната вредност на проектите за источниот плански регион изнесуваат 86.357.926 денари, од кои 6.342.344 денари се средства како кофинансирање на општините партнери на проектите.

- Средствата се поделени согласно коефициентот на степенот на развиеност на планските региони. Значи ниту повеќе, ниту помалку. Центарот за развој на Источно планскиот регион ги има искористено сите средства кои што му следуваат согласно одлуката за степен на развиеност на планските региони. Сите проекти се со различен буџет во зависност од големината на проектот. Меѓутоа има проекти од 13.000.000 до 3.000.000 денари, вели Здравева.

Таа истакна дека во изминатиов период се реализираат регионални проекти во кои бенефит имаат три или повеќе општини од истокот. Во изминатите девет години ниту еден проект кој е доставен до Бирото за рамномерен регионален развој не е негативно оценет.

Здравева потенцира дека се реализирани инфраструктурни проекти, како што се пристапни патишта, потоа во делот на туризмот за езерата, Осоговските планини, Плачковица и други значајни места во регионот. Се очекува планските региони годинава да добијат двојно повеќе средства за реализација на регионални проекти.

- Оваа година со новата Влада се очекува можеби и двојно повеќе средства за регионален развој. Меѓутоа јас секогаш зборувам за тоа дека не треба секогаш да се лутиме на Владите за неискористување или за мал процент на искористување на средства за регионален развој, бидејќи на секој центар му стојат на располагање достапни фондови, што можат да се користат од Европската унија, рече Здравева.

Таа истакна дека пред три години направени се нови анализи за степенот на развиеноста на планскиот региони, а во новите анализи истокот покажаува поголем степен на развиеност, односно е на трето место, пред него се скопскиот и југоисточниот регион.