Чадот од отпад го гуши Злокуќани цела деценија: Жителите бараат итна помош од институциите
Густ чад, смрдеа, изгорени пластики и отпад, се палат и гуми и пластика од бакарни жици, но и диви депонии - жителите на Злокуќани покрај загадениот скопски воздух секоја година дополнително се жалат на смрдеата во нивната населба. Проблемот според жителите се 7-8 фамилии кои согоруваат различен вид штетен отпад во нивните дворови. Пријавуваат и во полиција, но отаму им велат дека не се надлежни. Преку отворено писмо бараат итна реакција од општината Карпош, бидејќи институциите немаат слух за нивниот децениски проблем.
Секојдневно се јавуваме во полиција и во општина Карпош, град Скопје, а и во пожарна поради палење на гуми и друг вид на отпад. Се јавува невидено загадување, печење на очи, воздух кој не се дише во периодите на палењето. Никаква, ама баш никаква реакција нема од ниту една институција. Ве молиме за итна реакција за проблемот во Злокуќани.
Во отвореното писмо, Здружението на граѓани Злокуќани ги посочуваат имињата на семејствата и нивните адреси кои го нарушуваат јавниот ред и мир и придонесуваат за ужасната смрдеа во населбата.
Министерот за животна средина вели дека е запознаен со случајот и лично ќе се заложи проблемот во Злокуќани да биде решен.
Институциите со години наназад се иземаат од одговорност за проблемот во оваа населба. Ова не е прв пат локалните жители да упатуваат апели за помош со смрдеата и загадениот воздух во Злокуќани, кој како што велат го нарушува нивното здравје, но и на жителите на околните населби.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар