Свет
7. November 2016 - 14:33

Челик: Односите меѓу Турција и ЕУ навлегоа во деликатен период

Односите меѓу Европската унија и Турција навлегоа во деликатен период, изјави денеска турскиот министер за ЕУ, Омер Челик, кој ги обвини за расизам, оние кои повикуват за замрзнување на преговорите.

- Нашите односи со ЕУ сега преживуваат деликатен период. Но, Турција смета дека е неопходно да се пронајдат нови канали за дијалог во ЕУ и да ги одржува на потребното ниво односите со неа, рече Челик. 

Тој говореше на прес-конференција по средбата со амбасадорите од ЕУ во Анкара по повод острите критики од европските земји поради апсењето на курдските пратеници под обвинение за врски со бунтовниците од Курдската работничка партија (ПКК). 

Челик нагласи дека во ЕУ не говорат отворено за ПКК, која Турција ја смета за терористичка организација, и ја повика Унијата да ги промени двојните стандарди во однос на курдските бунтовници.

Во врска со апсењата на пратениците од курдската Демократска партија на народите (ДПН), Челик истакна дека е недозволиво пратениците да дејствуваат во корист на тероризмот, бидејќи со тоа ја саботираат работата на Парламентот.

Претходно, австрискиот министер за одбрана Ханс Петер Доскоцил за виенскииот весник „Курир“ изјави дека Турција се наоѓа на „директен пат кон диктатура“ и изрази стравувување од нов бран бегалци, за кои како што рече, Европа мора на време на се подготви, за да ги заштити своите надворешни граници.

Тој упати остри критики на сметка на Турција, нагласувајќи дека земјата се наоѓа на пат кон диктатура, како и дека се заканува да се откаже од примената на спогодбата за бегалци со ЕУ.

Во исто време, германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ објави дека во новиот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Турција се посочува на проблеми поврзани со слободата на изразувањето и независноста на судскиот систем. 

Германскиот весник забележува дека во извештајот, кој треба да биде објавен в среда, се оценува оти во Турција дошло до „значителен пад“ на слободата на говорот, а во однос на судските одлуки во врска со националната безбедност и борбата против тероризмот - дека одлуките се донесуваат „селективно и произволно“.