Македонија
9. November 2016 - 14:46

Чести одрони и вода на коловозите во Дебарско

Поради обилните и интензивни дождови на патните правци од Дебар кон Маврово, Струга, граничен премин Блато, како и Мелнички Мост-Центар Жупа, и крaкот кон селата на Мала Река, има чести одрони од камен и појава на вода на коловозите.

- Наши екипи се постојано на терен во расчистување на одроните, поради што нема поголеми проблеми во одвивањето на сообраќајот. Сепак, поради одроните и вода на коловозите се препорачува внимателно возење прилагодување на брзината според условите на патот и строго почитување на патната сигнализација, вели Деар Лиманоски, вршител на должноста раководител на дебарската секција на „Македонија пат“.

Од работната единица на Заводот за јавно здравје оценуваат дека поради обилните дождови можно е да дојде до заматување на водата во градскиот водовод.

- Поради тоа од ЈКП „Стандард“, кое стопанисува со водоводот Росоки-Дебар од каде со вода за пиење се снабдуваат општина Дебар и дел од општина Центар Жупа побаравме да ја зголеми количината на хлор. До жителите од селските населби кои се снабдуваат од селски водоводи, кои не се хлорираат препорачување превривање на водата пред употреба, изјави Ментор Меља, епидемилог во дебарската единица за јавно здравје.

Од секторот за заштита и спасување при општина Дебар, потврдуваат дека нема пријавени штети од силниот ветер и обилните дождови.

Според Диди Џафери, одговорен во секторот за заштита и спасување во општина Маврово Ростуше, формиран е Оперативен штаб кој будно ја следи состојбата. Тој додава дека засега нема некои поголеми проблеми, освен што во селото Нистрово, Горна Река, оштетен е еден мост на Радика, чиј дотек е зголемен за неколкупати, а засега е излеана од коритото само кај Ростушки Мост.