Македонија
28. September 2018 - 20:13

Честитка од Иванов по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Македонија.

- Празнувањето на 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците е симбол на длабока почит што Република Македонија ја има кон сите своите граѓани. Себеидентификацијата претставува основно, загарантирано и неотповикливо човеково право кое е столбот на кој се темели нашата заедничка држава, вели Иванов во честитката.

Негувањето на културните различности и традиции, додава македонскиот претседател, е всаденo во кодот на Република Македонија.

- Принципите на меѓусебна почит, заедништво и разбирање се вредности кои сите ги споделуваме и благодарение на нив успешно градиме иднина која ја посакуваме за себе и за своите деца, вели Иванов и додава дека бошњачката заедница дава огромен културен и економски придонес во развојот на демократска, развиена и модерна Република Македонија.