Четврти ден расправа за ребалансот на Буџетот, расправата продолжува попладне

Општата расправа за ребалансот на Буџетот во собраниската Комисија за финансирање и буџет се одвива веќе четврти ден, а ставовите на власта и опозицијата и понатаму остануваат спротивставени. Пратениците од партиите на власт тврдат дека ребалансот на Буџетот е развоен, со повеќе пари за стабилизирање на економијата, а од опозицијата дека е расипнички, со повеќе пари за предизборен поткуп и партиски вработувања. Расправата продолжува попладне, по редовна едночасовна пауза.
За време на денешната расправа, опозицијата повторно ја обвини власта за нереализација на капиталните инвестиции, неработење, злоупотреби на државни средства, за ново задолжувања на граѓаните, како и за лошо справување со пандемијата и кризата предизвикана од неа и остана на ставот дека ребалансот на Буџетот не нуди ништо ново и различно од она што досега било видено. Сметаат дека и овој финансиски документ ќе стане уште еден, како што велат, неисполнет проект на Владата и неисполнето ветување. Според опозициските пратеници, ребалансот нема да понуди ниту раст, ниту, пак, развој и зголемени капитални инвестиции и е само еден вид предизборен поткуп.
Пратениците од партиите на власт, пак, порачаа со ребалансот се зголемуваат средствата за инвестиции за армијата, за земјоделството, здравството, екологијата, …, и дека се намалува јавниот долг. Сметаат дека власта добро ја води економската политика во државата и оти ќе продолжи тоа да го прави и по донесувањето на ребалансот на Буџетот. Како што посочија, со добрите економски мерки се спасени илјадници работни места за време на пандемијата со Ковид-19, а воедно им помогнаа и на граѓаните и на компаниите полесно да ја пребродат здравствено економската криза предизвикана од коронавирусот. Порачаа дека опозицијата е најмалку повикана да критикува, заради начинот на кој раководеше со државата во 11-те години кога беше на власт.
Сите дискусии на пратениците за време на бројните реплики и контра реплики беа полни со меѓусебни обвинувања за лошо работење, за расипничко трошење државни пари, за злоупотреби и за различни видови на корупција.
Дебатата за ребалансот почна на 1 јули кога заменик министерот за финансии, Димитар Ковачески го образложи Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2021 година за кого се поднесени вкупно 222 амандмани, од кои 152 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Заменик-министерот ги повика сите пратеници да го поддржат ребалансот на Буџетот и додаде дека заслужува конструктивна дискусија базирана на аргументи. Како што напомена, клучни сегменти се зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството, а приоритет остануваат здравјето на граѓаните, здравата економија и здравите финансии.
Со ребалансот, приходите се проектирани на 222,6 милијарди денари и се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2021 година, што, според предлагачот, се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на годината. Расходите се планирани на 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет.
Дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП. Зголемување има и кај капиталните расходи за 6,5 милијарди денари и се проектирани на ниво од 30,5 милијарди денари. Нивното учество во вкупните расходи на Буџетот од иницијално планираните 9,4 проценти, се зголемува на 11,3 отсто што е повисоко ниво од просекот во последните десет години.
Комисиската расправа по ребалансот на Буџетот трае 10 работни дена, а од утре се очекува да започне амандманската расправа.
Ново на Сител
-

Алиу: Работна група од Министерството за здравство истражува дали биле запазени протоколите за извоз на биолошки материјал во САД
-

Мицкоски: Владата нуди своја формула за пресметување на покачувањето на платите во администрацијата
-

Мицкоски: Чествувањето на Гоце Делчев нека ни биде пример како треба да ја градиме нашата Македонија
-

Променливо облачно и релативно топло до сабота, од недела заладување и снег на планините
-

Приведени возачи, управувале возила без возачка дозвола, со изречена забрана, под дејство на алкохол
-

650 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 590 за пребрзо возење
-

Сиљановска-Давкова: Регулативата создава доверба и предвидливост, а не само контрола
-

Обвинителството отвори предмет по закани кон новинарот Александар Видиновски
