Македонија
10. February 2025 - 8:41

Членовите на Судски совет можат да одговорат на интерпелациите, седница најверојатно на почетокот на март

Откако во петокот пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ до Собранието поднесоа поединечни интерпелации за членовите на Судскиот совет Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми, претседателот на законодавниот дом Африм Гаши, според Деловникот, треба да ги достави до нив и во рок од десет дена да добие одговор дали тие ќе се изјаснат за содржаните наводи.

Дури откако ќе помине овој рок без разлика дали членовите на Советот, кои се избрани од Собранието, ќе сакаат да се изјаснат или не, Гаши ќе може да ја закаже седницата на која ќе се расправа по овие интерпелации.

Согласно овие рокови, очекувањата се дека седница на која ќе се расправа за интерпелациите би имало до или на почетокот на март. Имајќи предвид на барањата за интерпелации се потпишани 67 пратеници исходот е извесен, но сепак тоа не значи дека Дамева, Мустафа, Чачаропва-Илиевска, Црвенковска и Адеми ќе заминат од овие функции.

Гаши денеска, како и секој понеделник, треба да одржи редовна координативна средба со првите луѓе на пратеничките групи во Собранието, по што би можело да се знае кога би се одржала оваа седница, но и за тоа што се би можело да се најде на седницата закажана за 12 февруари. Засега на оваа 34. пленарна седница на предложениот дневен ред се само 12 точки.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите кажа дека нема начин со сила да биде разрешен Судскиот совет, ниту членовите кои се избрани од Собранието, а за кои е поднесена интерпелација.

-Можат да не дадат оставки и покрај изгласаната недоверба. Сепак, борбата за промени во правосудниот систем ќе биде со јавен притисок, рече Мицкоски.

Потсети дека Собранието не го прифатило извештајот за работата на Судскиот совет и оти сега е логично пратениците да поднесат интерпелација на членовите на Судски совет кои тие ги избрале.

-Но, ќе повторам, тоа не значи дека им престанува мандатот на тие членови. Сепак, тие можат да си речат дека не си поднесуваме оставка и ќе останеме и понатаму да го водиме судството со доверба кај граѓаните од два проценти. Условно кажано, законот е таков - непрецизен и може тоа да се случи, рече Мицкоски.

Премиерот вели дека тоа нема го изненади и оти тие како политичари можат да направат само јавен притисок бидејќи цени дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав.

-Со сила ништо не можеме да направиме. Нив до последно ги штити законот. Се разбира, таков е законот, тие можат да си речат не поднесуваме оставка и ќе тераме додека не ни завршат мандатите. Инаку кои се алатките? Еве за да нема дилема. Алатката е јавноста. Се бориме јавно. Вистината е најпрецизна во јавноста. Ќе се бориме со јавноста. Ценам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав на Судскиот совет и мислам дека нема подобра алатка од јавноста. Апсолутно со јавен притисок, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по стартот на реконструкција на сквер во Општина Аеродром.

Премиерот посочи дека се надева оти тие ќе поднесат оставки.

-Мислам дека ќе бидат доблесни, доколку се изгласа интерпелацијата, односно доколку заклучокот на пратениците е да има промени таму, тие да си заминат, рече Мицкоски.

Бирањето на нови членови на Судскиот совет, според него, ќе биде според законот што во моментот е во сила.

Во поднесените интерпелации за работата на членовите на Судскиот совет до претседателот на Собранието Африм Гаши се посочува дека се поднесуваат заради недоследно спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина.