Македонија
18. November 2024 - 20:08

Цигарите и загадениот воздух рак рана за лицата со ХОББ

Македонка од Скопје има намалена функција на белите дробови. Оваа 76 годишна баба со децении е пушач а денеска кога направи превентивен преглед ја упатија да оди на Институтот за белодробни заболувања за дополнителни анализи.

-Дали ве упатија да одите на спирометрија? Да. Зошто? Затоа што си пушам. Треба да има повеќе програми за откажување од пушење? Кои програми, да ми кажат не треба да пушиш, знам дека не треба да пушам, вели Македонка од Скопје.

Намалена белодробна функција има и Тина која се пожали и на градна болка.

-Да идете на спирометрија, да се провери функцијата. -Е сега ми кажаа на спирометрија да одам, и многу ми е важно тоа што го открија денеска, вели Тина од Скопје.

-Неколку граѓани добија препорака да се јават кај нас дополнително за спирометрија како референтна метода за дијагностицирање на ХОББ, вели д-р Зорица Нановиќ, претседател на здружение на пневмофтизиолози.

Цигарите се главен ризик фактор за добивање на хронична белофдробна опструктивна болест. Но исто опасно е и аерозагадувањето.

-Тоа е како сол на рана да му ставате. И затоа имаме многу егзербации, влошувања на состојбата, прегледи и хоспитализации во зима и секоја зима е така, вели доц. Д-р Димитар Каркински, директор на Институт за белодробни заболувања и туберкулоза.

Според лекарите во земјата има многу пациенти со хронична опструктивна белодробна болест, но уште побројни се оние кои не се свесни дека ја имаат оваа дијагноза.

-Кашлицата, пушачите сите кашлаат, а никој не доаѓа на преглед. Веќе кога ќе осетат глад за воздух, кога ќе почнат да им свират градите, кога ќе видат дека не можат да излезат надвот и да се качуваат по скали, тогаш доаѓаат на прегледи, но веќе болеста е напредната, вели д-р Каркински.

 Денешните бесплатни превентивни прегледи се во пресрет на светскиот ден за подигнување на свеста за ХОББ.