Ципрас денеска ќе го добие мандатот за формирање Влада
Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас претпладнево ќе биде примен од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, која согласно одредбите од Уставот ќе му го додели мандатот за формирање Влада, јави дописничката на МИА од Атина.
Откако претседателот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис вчера го врати мандатот, сега оди во рацете на второ рангираната партија на парламентарните избори во неделата.
СИРИЗА освои 20,07 отсто од гласовите и 71 пратеничко место, со што е далеку од потребното парламентарно мнозинство од 151 пратеник за формирање Влада.
Веројатно е дека и Ципрас брзо ќе ѝ го врати мандатот на Сакеларопулу или воопшто нема ни да го прими, па така следна ќе биде третата партија односно ПАСОК – Движење на промена.
Откако ќе заврши циклусот со мандатите на првите три партии, предвидено е претседателката на Грција или да свика лидерска средба или да разговара со претседателите на сите партии во последен обид за формирање Влада и доколку е без резултат, следниот чекор е формирање службена Влада со една единствена цел да ја одведе земјата на избори.
Станува збор за формални уставни процедури што започнаа вчера, иако веќе е сигурно дека земјата ќе оди на втори избори, а Мицотакис предлага да бидат на 25 јуни, со што Грција експресно ќе се најде во втор предизборен период и не станува збор за втор круг, туку за нови избори.
На следните избори ќе се спроведе изборниот закон изгласан во 2020 година и ќе се примени мешаниот систем со засилена пропорционална застапеност, што значи и враќање на бонус пратеници за првата партија.
Бонусот нема да биде фиксен од 50 пратеници како претходно, туку бројот ќе биде во зависност од освоените гласови и ќе се движи меѓу 20 и 50 дополнителни пратенички места.
Нова демократија победи на парламентарните избори во неделата, но поради пропорционалниот изборен модел што не предвидува бонус пратеници за првата партија, не е во можност да формира еднопартиска Влада.
Ново на Сител
-
Меѓународен ден на студентите
-
Тема на денот со Гордана Димитриеска Кочоска, Министер за финансии
-
Цигарите и загадениот воздух рак рана за лицата со ХОББ
-
15-годишник со нож прободел двајца малолетници во два одвоени инциденти
-
Преглед на вестите од светот
-
Заедничка седница на македонската и косовската влада во Приштина
-
Пратеници на ДУИ добиле смртни закани, пријава до МВР нема
-
Вишиот обвинител Хајрулахи останува суспендиран од работното место