Македонија
17. May 2018 - 18:00

Ципрас: Уште не сме во позиција да говориме за договор

 Верувам дека имаме поминато голем дел од патот, но има уште пат да се помине, рече грчкиот премиер на прес конференцијата во Софија и додаде дека сѐ уште не сме во позиција да говориме за договор.

- Ги разгледуваме чекор по чекор сите детали Не сме, се уште во позиција да говориме за договор. Ќе постојат и следни чекори, со цел ако е можно повторно да се сретнеме на почетокот на следниот месец, рече Ципрас.

Одговарајќи на новинарско прашање дали следната средба би можела да се одржи во Преспа, како што веќе извесен период се шпекулира во Грција, Ципрас рече дека тоа би бил позитивен симболизам, но „прво треба да се стигне до точката каде што ќе има гаранција дека една таква средба ќе има голема веројатност за успех“.

- Она што ќе ја одреди можноста за да постои оваа средба се консултациите што ќе се спроведат следните денови, главно кај нашите соседи, но и со соработката меѓу двајцата министри за надворешни работи, за да се надмине дистанцата во прашањата што нѐ разделуваат, рече грчкиот премиер.

Стремеж на двете страни, како што истакна, е да може да постои резултат до Самитот на ЕУ на крајот на јуни, и кусо пред Самитот на министри за надворешни работи, каде што ќе се донесат конечните одлуки за почеток на интегративниот процес за земјите кандидати.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчкиот премиер откри дека, по завршувањето на вчерашниот Самит на европските социјалисти, доцна вечерта, речиси до раните утрински часови разговарал со неговиот македонски колега во пријателска и опуштена клима.

- Требаше да останеме будни вчера, а и денес да разговараме многу суштински и конструктивно. Верувам дека имаме поминато голем дел од патот, но има уште пат да се помине, рече Ципрас, објаснувајќи дека суштинскиот напредок бил постигнат изминатиот викенд во Сунио, на средбата на двајцата министри со медијаторот Нимиц.

Грчкиот премиер објасни дека сѐ уште постојат отворени прашања и оти ништо не е конечно, па дури и делот околу името, за кое, рече дека не е едноставно прашање, а името „ќе треба да праќа порака дека грчката Македонија и нејзината историја се разликува од земјата што многу подоцна се создаде“.

- Во овие преговори или се договараш за сѐ или не се договараш за ништо, објасни Ципрас и затоа избегна да ги подели или да ги категоризира отворените или затворените прашања.

Прашан за изјавата на македонскиот премиер на денешната прес конференција дека постои опција прифатлива за двете страни, Ципрас рече дека не го слушнал Зоран што точно изјавил, но додаде дека постојат „различни размислувања на маса, алтернативи размислувања за критичните и отворените прашања“, за кои се бара решение, но без да се менуваат црвените линии.

Претседателот на грчката Влада истакна дека е потребно да се постигне договор што нема да се изгуби за неколку месеци, туку ќе издржи низ времето, ќе биде прифатен од народите на двете земји и „ќе биде позитивен чекор напред со взаемно почитување на културното наследство, на традицијата, на историјата и на чувствата на двата народи“. Токму затоа, додаде Ципрас, преговорите се тешки и го повтори она што вчера го напиша на неговиот Твитер профил, дека последните метри од патот се секогаш најтешки.

Ципрас откри дека на средбата со Зоран Заев станало збор и за ставот на опозициските партии во двете земји, бидејќи е важна позицијата и во внатрешноста, особено, во Грција затоа што грчката национална позиција, како што рече, „бара и реформи во Уставот на соседот за кои е потребно пошироко мнозинство“.