Балкан
31. January 2020 - 13:47

Црна Гора: Уапсени 16 лица на 17 локации

Црногорската полиција потврди дека денеска се уапсени 16 лица на 17 локации, меѓу кои се и мајката и братучедот на пратеникот на Демократски фронт во црногорскиот Парламент, Милан Кнежевиќ.

Во полициското соопштение се наведува дека мајката на Кнежевиќ е приведена бидејќи ги омаловажувала полицајците при претресот.

Претходно опозициската „Вистинска Црна Гора“ соопшти дека на аеродромот во Подгорица денеска е уапсен лидерот на таа партија Марко Милачиќ.

Акцијата за апсење е извршена утрово врз основа на судска наредба и притоа биле претресени 17 локации, соопшти Управата на полицијата.

Се наведува дека при претресот било пронајдено и времено одземено нелегално оружје – пушка и два пиштола, одредено количество муниција, средства за комуникација и други предмети. Одземените работи ќе бидат предмет на форензички вештачења.

– Во тек е криминалистичка обработка на сите приведени лица, а во соработка со надлежните државни органи сите кои што ќе стекнат услови за прекршочна или кривична одговорност ќе бидат процесуирани согласно законот, се додава во полициското соопштение.