Македонија
1. December 2025 - 12:29

Цврстите горива и понатаму број 1 причина за аерозагадувањето во Македонија

Главниот извор на аерозагадувањето во Македонија, посебно во помалите средини и понатаму е начинот на загревање на домовите и индустриските капацитети. Поради лошата економска состојба, многу домаќинства како извор на затоплување користат цврсти горива кои имаат високи емисии на штетни честички, како дрво и отпадни материјали. 

- Емитираат многу високи количества на цврсти честички во воздухот кои остануваат, бидејќи не се шират во атмосферата, остануваат многу долг период околу нас и сето тоа се регистрира на мерните станици и имаме често негативен индекс. За среќа, во моментот поради временски услови, односно ноември е карактеристичен како стабилен месец, меѓутоа оваа година мислам дека добро поминавме, имаше доста врнежи, односно струење на воздухот, изјави Дејан Мираковски, ректор на УГД и раководител на лабораторијата АМБИКОН

Со почетокот на грејната сезона, локални жаришта и понатаму се појавуваат во делови каде што интензивно се користат цврсти горива, особено во периоди на ниски температури и мирни временски услови. Овие податоци произлегуваат не само од домашните туку и од истражувањата на светко ниво.

- Тоа е еден специфичен проблем, бидејќи тие емисии од согорувањата на цврсти горива во домаќинствата, се емисии кои се многу блиску до нас и преставуваат сериозен ризик и за квалитетот на воздухот и за здравјето на луѓето. Куќите се обично ниски, на еден или два ката, па емисиите се во зоната каде што живееме и доколку воздухот остане стабилен, концентрациите знаат да бидат екстремно високи, додаде Мираковски

Поради струењето на воздухот, односно ветерот, Штип речиси никогаш не ги надминува дозволените 35 дена со зголемени концентрации на PM-честички годишно, а просечните годишни вредности остануваат под границата од 40 μg/m³, што е еден од главните индикатори за оценка на квалитетот на воздухот.