Бизнис
15. August 2020 - 16:42

Дали граѓаните ќе бидат обештетени за зелениот картон - од АСО велат дека барањето е оправдано

Над 50 илјади зелени картони се продадени во првата половина од годинава. Ќе бидат ли овие граѓани обештетени поради тоа што дел од нив не ги искористија поради пандемијата. Крајниот збор за овој проблем ќе го има Комисијата за осигурување од автоодговроност. Од Агенцијата за супервизија на осигуреници велат дека пред извесно време добиле и барање од организацијата на потрошувачи да се продолжи важноста на зелените картони за дополнителниот период за кој истите не можеле да се користат поради пандемијата или да се овозможи попуст при купување на следниот зелен картон.

Агенцијата за супервизија на осигурување го разгледа добиеното барање при што констатира дека согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, надлежност за утврдување на висината на дополнителната премија за зелена карта има Комисијата за автомобилска одговорност и Владата на Република Северна Македонија која со одлука ја утврдува висината на премијата за зелена карта. Ставот на Агенцијата е дека барањето на Организацијата на потрошувачи е оправдано особено во услови на економска криза предизвикана како резултат на пандемијата а исто така имајќи во предвид дека поради затвореност на границите, ризикот на друштвата за осигурување како издавачи на зелената карта е намален, се вели во дописот на агенцијата за супервизија на осигуреници.

Од министерството за финансии кои имаат претставник во комисија која треба да го каже решението на проблемот велат дека кога ќе го добијат предлогот од АСО заеднички ќе го разгледаат.

Кога ќе се достави комисијата е должна да го разгледа во координација со Агенцијата за супервизија на осигурување, владата и националното биро за осигурување и да ги разгледа можните опции, се вели во дописот од министерството за финансии.

Изминатиов период и  дел од граѓаните со апел на социјалните мрежи побараа цената на зелената карта да се намали, со оглед на тоа што границите со месеци беа  затворени, а сега кога дел од нив се отворија  малкумина патуваат затоа што се потребни PCR тестови што е дополнителен трошок.

Според податоците на Националното биро за осигурување од јануари до јуни годинава  продадени се  40 илјади зелени картони  помалку од  истиот период лани.

Според ценовникот за патничко возило до 66 киловати годишниот зелен картон чини 3,690 денари, а месечниот е 1,850  денари додека над оваа јачина цената е 5,536 денари за годишниот односно 3,075 за месечниот.