Македонија
5. October 2018 - 14:05

Дечиња од 11 градинки во Делчево се натпреваруваа на регионалните „Игри без граници“

Во Делчево денеска се одржаа Регионалните „Игри без граници" на кои учествуваа дечиња од вкупно 11 градинки од Пробиштип, Штип, Свети Николе, Кочани, Чешиново- Облешево, Виница, Македонска Каменица, Берово и Пехчево.

Домаќин на настанот беше детската градинка „Весели Цветови" од Делчево, а настанот се организираше во чест на одбележувањето на Светската недела на детето.
 
- Проценка е дека 70 посто од дечињата во градинките не знаат да уловат топка.Токму поради тоа сите заеднички и директорите и наставниците одлучивме да направиме едни такви игри без граници на ниво на регион и она што денеска го видоа сите е дека дечињата навистина знаат да соработуваат, знаат да играат и знаат да се неатпреваруваат. Ние во иднина ќе дадеме се од себе дечињата да го јакнат својот натпреварувачки дух и да работиме повеќе на психофизичкиот нивен развој, рече директорката на градинката Билјана Симовска.
 
Претседателот на Советот на општината Драган Маневски истакна дека преку ваквите настани се зацврстува правилниот развој на децата.
 
- Детските игри се едно царство на игри без граници. Колку и да има влијание современиот начин на живот, децата не смеат да ја заборават играта, со неа тие растат, го учат животот. Како претседател на Советот денеска уште еднаш ги промовирам заложбите на општина Делчево за градење општество во кое ќе создаваме услови за правилен раст и развој на нашите деца, општество богато со детски игри и насмевки, рече Маневски.
 
Дечињата се натпреваруваа во пет игри, а како највешти се покажаа дечињата од градинките „Вера Циривири Трена“ од Штип и домашната екипа на градинката „Весели Цветови“.
 
Освен за победниците градинката додели пехари и благодарници за сите учесници на настанот.