Свет
19. October 2023 - 7:59

Демонстранти упаднаа во зграда на американскиот Конгрес барајќи прекин на огнот во Газа

Стотина демонстранти упаднаа во една од зградите на американскиот Конгрес, барајќи од пратениците и администрацијата на Џо Бајден да извршат притисок за прекин на огнот во Газа, која Израел ја бомбардира по нападот на Хамас на 7 октомври.

Облечени во црни маици на кои пишува „Евреите велат: прекинете го огнот сега“ и „Не во наше име“, тие седеа плескајќи и скандирајќи во зградата „Конон“, во која се сместени голем број канцеларии.

Полицијата приведе неколку демонстранти. „Не се дозволени протести внатре во зградите на Конгресот“, објави полицијата на платформата Х.

„Ги предупредивме демонстрантите дека мора да го прекинат протестот и кога не послушаа почнавме да ги апсиме“.

Протестот е организиран од движењето „Еврејски глас за мир“, кое повикува на примирје и се спротивставува на „етничкото чистење на Палестинците извршено од израелската влада“.

Претходно, стотици луѓе се собраа во близина на Капитол, барајќи од администрацијата на Бајден да се заложи за прекин на огнот.