Балкан
5. October 2019 - 10:37

Дендиас и Помпео во Атина ќе потпишат договор за одбранбена соработка САД-Грција

Потпишувањето на договорот за одбранбена соработка САД- Грција, ќе биде во фокусот на посетата и средбите на американскиот државен секретар Мајк Помпео во Атина, а според министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас разговорите во грчкото МНР ќе ги покријат и сите останати теми од грчки интерес, Турција, Кипар, како и ситуацијата на Балканот.

Помпео вчера околу 20 часот пристигна на атинскиот аеродром од Охрид, а го пречека шефот на грчката дипломатија. Дендиас на неговиот официјален Твитер напиша дека со голема радост го пречекал Помпео на неговата прва посета на Грција, додека пак од амбасадата на САД во Атина, исто така преку Твитер, му посакаа добредојде на американскиот државен секретар.

Американскиот државен секретар средбите во Атина ќе ги започне утрово со грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, потоа ќе се сретне со министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос, а потоа, во 12.30 часот по локално време со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас со кој ќе го потпишат договорот, по што ќе следи и прес конференција за медиумите.

Во исто време со средбата во грчкото МНР на американскиот државен секретар, Мајк Помпео со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, во центарот на Атина ќе се одржат два протести, едниот организиран од Комунистичката партија на Грција, другиот од анархистички и левичарски здруженија и организации.

И двата протести се против посетата на Помпео на Грција. Комунистичката партија, под слоганот „Pompeo go home!“, ќе маршира до амбасадата на САД во Атина. Според медиумите во Грција, за безбедноста на американскиот државен секретар во грчката престолнина, ангажирани ќе бидат околу 1000 полицајци.