Македонија
4. November 2016 - 14:38

ДИК: 6.288 пријавени за гласање во странство

До денеска до 14 часот, преку веб-апликацијата на Државната изборна комисија (ДИК) поднесени се вкупно 6.288 пријави од граѓани за гласање во странство за предвремените парламентарни избори. Од нив, 5.734 се прифатени, а 133 се одбиени. Останатите се во обработка, соопшти ДИК.

Најголем дел од одбиените пријави, според ДИК, се од причина што граѓаните наместо документ издаден од надлежен орган на странската држава, како доказ во својата пријава приложиле документ издаден од орган на Република Македонија.

ДИК ги потсетува граѓаните дека документи кои се прифаќаат како потврда за докажување на привремен престој во странство повеќе од три месеци или за привремена работа или престој во странство повеќе од една година се лична карта, издадена од надлежен орган на странска држава, потврда издадена од надлежен орган на странска држава, за живеалиште, престој или адреса на лицето во странската држава, дозвола за работа издадена од надлежен орган на странска држава, работна, студентска или виза за престој над три месеци во странска држава, возачка дозвола издадена од надлежен орган на странска држава, во која е наведено дека лицето има живеалиште во странската држава, и македонски дипломатски пасош или друг документ со кој се докажува дека лицето е вработено во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство односно конзуларните канцеларии, и друг документ со кој се докажува дека лицето е на привремен престој во странство повеќе од три месеци, или на привремена работа или престој во странство повеќе од една година.

До вчера до 19:00 часот, во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК низ државата јавен увид во Избирачкиот список извршиле вкупно 2.900 граѓани.

Во однос на пријавувањето на 29.858 граѓани чии записи по извршените вкрстени и теренски проверки останале неконзистенти во Избирачкиот список, ДИК информира дека до денеска до 14:00 часот, преку веб-апликацијата пријавување за запишување во Избирачкиот список извршиле вкупно 318 граѓани. Од нив, 307 пријави се прифатени, 3 се во обработка, а 8 се во фаза на разгледување.

Во тек е увидот во Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори, што завршува на 11 ноември.