Македонија
9. April 2019 - 17:44

ДИК и НДИ во работна посета на Охрид, на средба со претставници на ОИК и кандидатите за градоначалник

Претставници на Државната изборна комисија и на Националниот демократски институт денеска беа во работна посета на Охрид, каде остварија средба со членовите на Општинската изборна комисија, како и со кандидатите за градоначалници, односно нивни претставници.

Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, рече дека целта на посетата е да се видат условите во кои работи ОИК, дали се спроведуваат сите организациски работи согласно роковникот.

– Тука сме да се информираме дали кандидатите се задоволни од работата на изборната администрација, ОИК и да се разрешат сите евентуални дилеми, со цел изборите да минат во фер и коректна атмосфера и на крај да дадат победник со целосен легитимитет, рече тој.

Обучувачи на ДИК веќе подолг период спроведуваат обука на претседателите и замениците-претседатели на изборните одбори, со цел зголемување, подобрување на нивото на квалитет на изборните органи, за да намалат техничките пропусти што се јавуваат на изборниот ден, а заради недоволно владеење на прирачниците, односно законските одредби од оние што ги спроведуваат изборите на терен.

– ДИК ќе продолжи и после изборите да спроведува континуирана обука на изборната администрација, со цел државата во иднина да го покаже демократскиот капацитет, рече тој.

Дерковски појасни дека кампањата досега минува релативно коректно, барем во првиот денови, изразувајќи уверување дека така и ќе продолжи, независно очекувањата предизборната кампања да се интензивира со приближувањето на денот на гласање.

На кандидатите и нивните штабови им порача да се придржуваат кон изборниот законик, да ги почитуваат противкандидатите, да водат фер кампања преку натпревар на идеи, оттаму што само на тој начин ќе се изборат за легитимитет пред граѓаните.

Имено, после посетата на ОИК, претставниците на ДИК и на НДИ имаа средба со кандидатите за градоначалници на Охрид, кои од своја страна предизборната кампања нејзиниот досегашнен тек генерално ја оценија како фер и демократска.