Македонија
3. September 2015 - 17:58

Димовски: Законите предложени од СДСМ дневен маркетинг

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека законите што денеска ги предложи СДСМ се дневен маркетинг и без никаква сериозна анализа и можност за реализација. Координаторот Илија Димовски изјави дека неговата пратеничка група нема да дозволи Собранието на РМ да биде злоупотребено за промоција на неодговорните политики на СДСМ.  

- Тие самите знаат дека граѓаните не ги поддржуваат заради немањето на доверба во нив, па сега со вакви неиздржани предлози ќе се обидуваат да привлечат барем мала симпатија. Знаеме дека ќе предлагаат се и сешто, но нема да им дозволиме да си поигруваат со интелегенцијата на граѓаните, рече Димовски.

СДСМ, додаде тој, со денеска предложените закони се обидува да биде бледа копија на ВМРО-ДПМНЕ без никакво покритие и без никаков кредибилитет.   

- Толку се неискусни и желни за поддршка од граѓаните, која ја немаат, што мислат дека носењето на сериозни одлуки е играње на маалска игра. Како и до сега, СДСМ ќе ја лаже јавност, ќе ветува се и сешто, само да им се допадне на граѓаните, но сите паметиме дека секогаш кога беа на власт не исполнија ниту едно свое ветување. Граѓаните од нив паметат запустени и стари училишта без вложен денар за нивна реконструкција или изградба на нови, паметат 200.000 невработени и паметат трошење на буџетски пари за бисери на нивните министерки, рече Димовски.

Во врска со предлогот за зголемување на минималната плата, потсети дека во време на владеење на СДСМ не постоеше минимална плата, иако партијата имаше предизборно ветување дека ќе ја воведе. Прв пат во Република Македонија одлука за воведување на минимална плата донесе Собранието со гласови на ВМРО-ДПМНЕ.

Предлогот за укинување на екстерното тестирање, според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, е крајно несериозен и неодговорен предлог од кој се гледа дека на СДСМ единствено му е важно да прибере некој ситен политички поен врз грбот на децата, а воопшто не води сметка за потребата од континуирано и долгорочно подобрување на квалитетот на нашето образование.

- Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати само сериозни предлози кои ќе го подобруваат образованието без разлика од кого доаѓаат, но нема да прифати вакви политички подметнувања. На Македонија и треба решенија за подобрување, а не партиско надмудрување и подметнување како ова денес, рече Димоски.

За предлогот за измени во Законот за буџетот на државата, рече дека таква пракса каква што предлагаат не постои во ниту една европска држава, предлогот е апсурден и физички невозможен бидејќи од буџетот и од сите институции дневно се вршат илјадници трансакции кон физичките лица и кон правните лица и во насока на максимална транспарентност за приходите и плаќањата од буџетот, Министерството за финансии на месечна основа објавува фискални табели во кои јавно се публикуваат приходите и расходите во буџетот.

- На крајот на секоја фискална година Министерството за финансии до Собранието доставува завршна сметка во која пратениците имаат целосен увид во извршување на буџетот на државата. По барање на СДСМ пред неколку години отидивме и понатаму па од минатите избори во изборниот период Министерството за финансии на дневна основа ги објавува расходите на сите институции, а податоците можат да се најдат на интернет страната на Министерството бидејќи со закон определивме должност да се гледа трошењето на државните пари, рече Димовски.