Македонија
27. January 2019 - 8:25

Договорот од Преспа го потпишаа и Грците, фокусот е кон економијата

Храбри одлуки, одважност, достониствен живот и просечна плата од 500 евра, вети премиерот Зоран Заев на вчерашната економска трибина во Велес од каде ги повика граѓаните да го следат. Ова ветување, според него, произлегува од разрешените проблеми и пречки што Македонија ги имаше, пред се, со јужниот сосед, а тоа е ратификацијата на Договорот од Преспа и од грчка страна.  Членството во НАТО и ЕУ, истакна премиерот, ќе значи безбедност и стабилност, што подразбира и домашни и странски инвестиции.

Доста е политика и политиканство, потенцира Заев. Мора да ги засукаме ракавите. Државата ќе ја биде само ако народот има пари. Во таа насока се фокусирани и владините политики.

-Ветувам и храброст и одважност. Ќе правиме економија за достоинствен живот на граѓаните. Мора да имаме економски задоволни граѓани. Најавувам храбри одлуки. Ве повикувам да ме следите. Да работиме сите, министри, администрација, општини. Ова наше парче земја да го направиме достоинствено место за живеење, истакна Заев

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев пак од неговиот роден град порача дека за развој на економијата се најбитни владеењето на правото и создавањето стабилна држава и околина за инвестиции, без разлика дали се домашни или странски, за што, подвлече, Владата одработи доста во изминатата година и пол, а евроатлантските перспективи само го потврдуваат тоа.

Анѓушев рече дека Влада мора да поттикне раст на животниот стандард на граѓаните, а од друга страна да им помагаме на компаниите да станат здрави, цврсти и добри, за тоа, според него влезот во НАТО и Европската унија треба да помогне во остварување на овие цели.

Сите земји од опкружувањето, порача вицепремиерот, користат фондови од ЕУ, а ние сега првпат одвоивме 12 до 15 милиони евра преку ФИТР за помош на малите и средните претријатија со кои се помогнаа над 250 компании, а за годинава се издвоени за 36 отсто повеќе пари за таа намена.

Тој пред велешани како пример ја посочи Бугарија која користи 400 милиони евра од ЕУ за Фондот за иновации и дека за да бидеме конкурентни на меѓународниот пазар, нема друг начин, освен да се придружиме на големото семејство и да одработиме. – Тие пари никаде нема сами да дојдат, туку ќе дојдат само ако како стопанство и граѓани одработиме, додаде Анѓушев.

Тој посочи дека компаниите мора да бидат извозно ориентирани и конкурентни на меѓународниот пазар, а за  да се постигне тоа мора да имаат добра технологија и добри организациски способности на менаџментот.

Вицепремиерот Анѓушев на трибината информираше дека по веста за ратификацијата на договорот од грчка страна добил информација од четири компании кои одлучиле да инвестираат во Македонија. Тој пред присутните рече дека компаниите сами ќе одлучуваат каде ќе инвестираат, односно онаму каде што ќе проценат дека има обучен кадар и неопходна работна сила. Тој како клучен проблем го истакна образованието кое, според него, 15 години било за потсмев и најави дека е неопходно да се врати средното образование.