Бизнис
21. February 2019 - 19:40

Домашните компании се жалат на инфраструктурата во зоните

Бизнисот бара власта да ги засука ракавите и да почне да работи. Наспроти ветеното, индустриската зона Визбегово има недостиг од примарна инфраструктура. Стопанствениците се жалат на нееднаквиот третман на домашни и странски инвеститори. Бараат итно поврзување на зоната со водоводна и канализациона мрежа, редовно снабдување со струја и реновирање на патната инфраструктура.

“Ние, како комора, сметаме дека оваа власт во однос на еднаквиот третман на домашни и странски инвеститори, има направено само едно и тоа законска рамка по однос на доделување субвенции или финансиска поддршка. За да имаме јасна слика по однос на тоа дали фукнционира законот, треба да се направат дополнителни анализи. Но, од аспект на инфраструктурата, не може да кажеме дека имаме еднаков третман, бидејќи една фирма што оперира во индустриската зона Визбегово не може да се каже дека има исти услови како што се третира една фирма што оперира во индустриските развојни зони. Така да, има простор за работа и треба одма Владата да се зафати со работа и решавање на инфраструктурните проблеми”, вели Дрилон Исени, директор на Стопанска комора на Северозападна Македонија.

Од Министерството за транспорт велат дека откако оствариле средби со бизнисмените, ја утврдиле итноста и изградбата на инфраструктура во зоната Визбегово ќе почне годинава. Во тек е тендерска постапка за изградба на водоводен систем, како прва фаза, во вкупна вредност од околу 100 милиони денари. Во втората фаза ќе се реализира канализационата мрежа.

Од Северозападна комора велат дека инфраструктурните проблеми и институционалната негрижа довеле до тоа за период од 5 години во зоната Визбегово да згаснат 139 компании. Од државата очекуваат поголема сериозност во реализација на инфраструктурните проекти во зоната.

“Ако интенцијата беше што е разликата од претходната власт и оваа што веќе две години владее со ова општество, на почетокот имаше многу подобра комуникација и како резултат на таа комуникација некои работи почнаа да се раздвижуваат. Да не добиете впечаток дека сме задоволни, далеку од задоволни”, вели Таип Јакупи, бизнисмен.

Во индустриската зона Визбегово активни се 246 компании со околу 2.800 вработени. Зоната учествува со 3,4% во БДП на земјава.