Фудбал
13. May 2016 - 12:44

Дончевски: „Спасиба“ г-дине Самсоненко!

Со неделната победа над Шкупи во Пробиштип, нашите фудбалери удрија печат на десеттата шампионска титула во историјата на најтрофејниот македонски фудбалски клуб. Меѓутоа, првата звезда над нашиот амблем почна да се везе уште пред три децении, кога легендарниот Андон Донечевски, во сезоната 1986/87 ја предводеше „златната“ вардарова генерација до фудбалскиот престол, во Првата лига на поранешна Југославија.
 
Иако живее во далечната Австралија, славниот чичко Дончо не ја пропушти приликата телефонски да го честита историскиот јубилеј.
 
„Многу сум радосен што нашиот Вардар повторно е шампион на Македонија. За мене, оваа 10. титула е подеднакво голема како и првата што ја освоивме во екс-југословенското првенство. Иако тогаш се натпреварувавме во една многу посилна лига, каде што игравме не само за себе, туку и за честа на нашиот народ, денешниот успех има подеднакво значење, бидејќи Вардар и денес се бори да го подигне фудбалот во Македонија, на едно повисоко ниво. Искрено се надевам дека освоената титула ќе претставува еден вид отскочна даска, за понатамошните успеси на меѓународната сцена. Вардар во својот сегашен состав има многу јунаци кои се дораснати да ја бијат битката во Европа, за пласман во Лигата на шампионите. Овој тим треба да биде локомотивата на македонскиот фудбал, која ќе ги повлече и останатите екипи напред. На крајот на краиштата, силен Вардар е основниот предуслов за да имаме и силна репрезентација“, вели првиот селектор на македонскиот државен тим.
 
 
 
Искусниот Дончевски, исто така направи и една историска паралела помеѓу неговите пулени од осумдесеттите години на минатиот век и нивните денешни наследници во „црвено-црниот“ дрес.
 
„Да бидам искрен, според мене и нема некоја многу голема разлика. Напротив, би сакал да издвојам неколку сличности. Еве, да ја земеме на пример голманската позиција. Тогаш на голот го имавме незаборавниот Момчило Грошев, а сега вардаровата мрежа ја чува Томе Пачовски, кој претходно изгради успешна меѓународна и репрезентативна кариера. Исто така, сакам да го пофалам и десниот бек Ховханес Хамбарџумјан. Без разлика што доаѓа од Ерменија, со неговите продори на противничките половини, многу ме потсеќа на Вујадин Станојковиќ. Токму Вујо беше еден од првите бекови во тоа време, кој почна да се придодава и во нападот, за да им помага на играчите од навалните редови. Тука би сакал да ги споменам и останатите фудбалери од ‘златната’ генерација. Во тие денови од славното минато, головите ги постигнувавме по акциите што ги ‘везеа’ Канатларовски, Савевски, Јаневски, Рингов, Џипунов и Панчев, а на сегашниве играчи, сакам искрено и од срце да им посакам едно нешто. Дај Боже да дочекам некој од нив да го надмине мојот рекорд од 217 постигнати погодоци за првиот тим на Вардар.  Според она што го прикажаа на натпреварите кои имав прилика да ги гледам, се уверив дека имаат квалитет. Најбитно е тоа што немаа многу осцилации во текот на сезоната, за што би сакал да му честитам и на стручниот штаб, на чело со тренерот Гоце Седлоски. Честитки упатувам и до членовите на раководните структури и сите инволвирани лица во работата на ФК Вардар, кои на било каков начин го дадоа својот придонес во освојувањето на титулата.“, порача најдобриот голгетер во историјата на нашиот клуб.
 
Пред самиот крај, Донечвски не ги штедеше своите емоции за да ја поздрави изградбата на Фудбалската Академија наменета за младите категории, која в недела ќе биде свечено пуштена во употреба.
 
„Пред неколку дена ги видов сликите од Академијата на интернет и солзите радосници самите ми се стркалаа по образите. Јас бев дел од втората генерација вардарови фудбалери, кога заедно со Илиевски, Шулинчевски, Чапаровски, Николовски, Дацевски, Вучидолов и останатите, го освоивме Купот на Југославија. Повторно ќе ја спомнам пумпата на која што се миевме, додека од нас испаруваше потта по завршувањето на тренинзите. Сега со изградбата на Академијата, нашите младинци ќе имаат европски услови за работа и усовршување на нивните фудбалски вештини. Како поранешен играч на Вардар, на господинот Сергеј Самсоненко и неговите соработници, сакам да им изразам едно огромно ‘спасиба’, бидејќи со реализацијата на овој проект, создадоа вистинско богатство за развој на фудбалот во Македонија“, истакна големиот фудбалски итрец, во својот завршен коментар од шампионската честитка.