Македонија
22. February 2021 - 19:51

Драматичен раст на бројот на заразени во Прилеп по влезот на британската мутација

Ковид-19 повторно коси во Прилеп градот го живее третиот бран од оваа пандемија. Минатата недела скоро секој ден имаше по околу 40 до 50 нови случаи, а исто така се зголемува и бројот на починати кој само вчера изнесуваше 5мина. За две недели почиинале 14 лица, а бројот на новозаразени само за 7 дена е зголемен за 35%. Според Центарот за јавно здравје од Прилеп главна причина е британскиот сој на вирусот кој бил многу позаразен и кој се ширел многу побрзо, но исто така една од причините е и тоа што заболените граѓани при анкетите ги кријат контактите.

„Британскиот сој на вирусот во Општина Прилеп е застапен со 50% од вкупниот број на потврдени случаи и аналогно на тоа се очекува во наредниот период тој да стане доминантен. Што значи дека бројот на заразени би бил уште поголем. Луѓето ги кријат контактите од различни причини, најчесто не сакаат да кажат дека присуствувале на критичниот настан, често пати не сакаат да ги стават во самоизолација нивните блиски,

„Но по извесно време се јавуваат симптомите и самите граѓани се јавуваат и на тој начин дознаваме дека имало криење на контактите од разно разни причини“, истакна Драгица Николоска, директорка на Центар за јавно здравје Прилеп.

За жал повторно се полни со хоспитализирани граѓани и прилепската болница, повторно се активираат и ковид центрите кои во јануари беа затворени. Така што сега освен во инфективното одделение ковид пациенти се сместуваат и во одделението за уво, нос и грло, а од денес и во за оваа намена повторно е преадаптииран и еден дел од интерното одделение. Моментално хоспитализирани се 54 пациенти, од кои 70% се на кислородна поддршка.

„На дневна основа во Прилеп се регистрира дека има од 50 до 60 позитивни, ама треба да напоменам дека голем дел од пациентите кои се со симптоми на Ковид не се ни регистрираат, не се ни тестираат, така што бројката во Прилеп на дневна основа можеби е и до 100 пациенти. Зголемен е бројот на пациенти кои имаат потреба од дневна болница, тие во овој момент се околу 40 до 50, за да бидат подобро опскрбени со терапија се отвора и нов оддел за дневна болница во одделот за физикална терапија. Имаме потреба од кадар кој треба да ги опскрбува тие пациенти, во овој момент може да одговориме на барањата за кадар, со договори на дело и ротации“, изјави Драган Богоески, директор на општа болница Прилеп.

Во моментов во Прилеп има 483 активни случаи. Од почетокот на пандемијата во се заразиле 5.111 граѓани, а починале 253.