Македонија
25. March 2026 - 16:32

Државата е подготвена за итни мерки ако цените почнат да растат

Државата ќе преземе итни мерки ако цените во маркетите тргнат нагоре. Тензиите на Блискиот Исток веќе ги тресат светските пазари, а од Министерството за економија велат дека внимателно ја следат состојбата и свесни се за можноста од ценовен притисок, особено кај производите кои зависат од увоз и транспорт.

-И покрај увозната зависност на земјава поврзана со храната (над 90 проценти) Министерството за економија и труд е подготвено да реагира со интервентни мерки доколку се утврди неоправдан раст на цените или поголемо нарушување на пазарната стабилност кои ќе имаат за цел заштита на животниот стандард на граѓаните, како и можност за таргетирани мерки за најранливите категории - велат од МЕТ.

Дали и какви мерки ќе се носат зависи од конторлите на Пазарна. Повеќе од 30 тимови инспектори се на терен секој ден. Прават контроли кај производители, дистрибутери, извозници, големи ланци маркети. Се внимава дали има зголемување на брутопрофитните маржи. Извештај со пресек на податоците ќе добие Економија следната недела. Засега е забележано поскапување од околу 10% кај јајцата и маслото.

За да се спречи енормен скок на цените, Владата веќе го намали ДДВ-то за горивата од 18 на 10%, но според СДСМ оваа мерка не дала никаков ефект. Од партијата повторно побараа од власта да ги прифати антикризните мерки кои преку пакет закони се веќе доставени до Собранието.

-Мицкоски е дилетант кој нема капацитет да ја води Владата. Или ова го прави намерно заради заштита на приватни бизниси. Или можеби и едното и другото. Проблемот за граѓаните е веќе тука – активирана е спиралата на раст на цените на храната. Маслото за јадење е над 100 денари, јајцата над 300 денари, овошјето и зеленчукот над 100 денари за килограм, месото е веќе покачено. Сѐ е поскапено, цените растат, а платите не мрдаат. Мицкоски одби да ја покачи минималната плата на 600 евра – кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

„Поголеми дилетанти како СДС, Заев и Филипче во историјата на Македонија немало. Три пати додека беа на власт ја зголемуваа акцизата, а да се потсетиме и дека сакаа да воведат и еколошка такса со која дополнително ќе се зголемеа цените на горивата. Дополнително, лицемерно е тоа што како власт тие го зголемија ДДВ-то за голем број прехранбени производи за денес да бараат намалување“, им одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, од ДУИ пресметале дека само од почетокот на годинава, ЕСМ платила над 24 милиони евра за увоз на електрична енергија.

-Овие бројки јасно покажуваат дека ЕСМ нема доволен производствен капацитет за да ги покрие потребите на регулираниот пазар. Ова директно води кон зголемен притисок врз цената на електричната енергија за граѓаните – пишуваат од ДУИ.

Мицкоски, пак, им врати дека не ја познаваат материјата.

-Тоа што го кажуваат е спротивно на вистината, затоа што денеска ЕСМ, односно поранешно ЕЛЕМ, во текот на ноќните часови извезува, односно продава на берзите околу 850 мегават часови што дневно на компанијата и носи додадена вредност меѓу 100 и 150 илјади евра. Постојат периоди од годината кога се увезува струја, постојат периоди кога ќе се извезува – изјави тој.

На вчерашната владина седница не е донесена нова одлука за ослободување мазут од стоковите резерви за ЕСМ. Ако има потреба, компанијата има на располагање околу 3 илјади тони од ланската кризна состојба.

Премиерот веќе кажа дека енергетската состојба е стабилна. Работат два блока во РЕК Битола, имаме доволно јаглен на депониите и околу 40% полни акумулации.