Македонија
9. јуни 2026 - 16:27

Државата најверојатно сама ќе го гради Чебрен и Галиште

По децении неуспешни тендери, пропаднати обиди за концесии и партнерства со странски инвеститори, Владата размислува Чебрен и Галиште да го гради сама. Проектот чија вредност се проценува на околу 1,5 милијарди евра, државата планира да го финансира со пари од меѓународни финансиски институции.

„Доколку успееме да формираме синдикат на меѓународни финансиски институции, а разговорите се во таа насока, тогаш реално е да се очекува дека следната година ќе ставиме камен-темелник на на овој, би рекол, историски проект. Има многу причини за коишто верувам и јас, и колегите во Владата, и во компанијата АД ЕСМ, дека треба да се обидеме, еве вака народски кажано, да стиснеме заби и да го изградиме сами овој овој проект“, изјави премиерот.

Мицкоски смета дека Чебрен е стратешка инвестиција не само за Македонија, туку и за целиот регион. Вели дека во услови на климатски промени, идните акумулации ќе имаат значење и како резервоари за вода, а не само како капацитети за производство на електрична енергија.

„Имајќи предвид дека под постоечката хидроцентрала Тиквеш се наводнуваат некаде околу 60-тина илјади хектари земјоделско земјиште, фармерите од тој регион најмногу се занимаваат со производство на грозје, на вино и така натаму. Ценам дека овие количини на вода само може да го помогнат тој процес, па дури потоа да зборуваме за производство на на електрична енергија“, кажа тој.

Чебрен е проект кој со децении се најавува, но досега ниту една влада не успеа да го реализира. Во изминатите дваесет години пропаднаа 14 тендерски постапки за негова изградба.

Последен обид направи претходната влада, која преговараше со грчката компанија Архиродон. Според тогашниот предлог, компанијата требаше да ја изгради хидроцентралата на Црна Река со инвестиција од околу една милијарда евра, а за возврат да добие две третини од сопственоста и право да управува и со ХЕЦ Тиквеш.

Тогаш ВМРО-ДПМНЕ од опозиција се спротивстави на ваквото решение, оценувајќи дека Тиквеш не треба да биде дел од договорот. Во исто време, голем дел од домашните експерти оценија дека државата има капацитет сама да го изгради проектот – идеја која сега повторно се враќа на маса.