Македонија
21. February 2024 - 16:57

Двајца убиени, еден тешко повреден во кумановско Габреш

Трагедија во кумановското село Габреш: 66 годишен маж пукал во сестрата и нејзините два сина. Жената и едниот син се мртви, а третиот застрелан е пренесен на скопските клиники. Има прострелни рани во пределот на стомакот и градниот кош, но е во добра здравствена состојба.

Од полицијата велат дека причина за двојното убиство се имотно-правни односи.

Сител неофицијално дознава дека кавгата настанала за тоа кому треба да припадне празен магацин во близина на куќата. Токму пред тој објект се случила трагедијата, а за тоа сведочат и свежите дамки крв.

Според полицијата, убиството се случило некаде после пладне. Жителите кои живеат овде велат дека братот и сестрата добро се сложувале и не се карале.

За нивните добри односи сведочи и нивен роднина. Пред камерата на Сител рече дека убиецот бил мирен човек кој долги години живеел во Германија.

Роднината вели дека двајцата мажи кои се застрелани и порано биле агресивни, па и него го нападнале со секира.

66 годишниот маж сам се пријавил во полиција и е уапсен веднаш.