Македонија
10. јуни 2024 - 17:12

Двојната функција на Џафери пред Уставен?

Новоизбраниот претседател на Уставен вели дека заедно со колегите судии ќе разговараат дали Талат Џафери постапил спротивно на уставот при изборот која функција ќе ја изршува. Случајот не го коментира, бидејќи како што вели, само на седници судиите го давале својот став за прашања кои се во интерес на јавноста.. Не прецизира дали судот самоиницијативно ќе поведе постапка или ќе формира предмет по поднесена иницијатива за однесувањето на Џафери.

„Ќе разговарам со моите колеги, не само за овие два, за било кој друг случај што е од интерес за јавноста или каде што ние имаме воочено. Можеби додека ние разговараме има иницијатива, или иницијатива или судски активизам, затоа што јас не знам денеска што е стигнато во нашата архива, а можно е да има. Битно е што ставот мој ќе го кажам тогаш кога прашањето ќе биде разгледувано, расправано на седница на судот“, изјави Дарко Костадиновски, Претседател на Уставен суд.

Костадиновски најави дека за брзо очекувал Уставен да одлучува по законот за употреба на јазиците. Предметот чека разрешница над пет години, состојба за која Костадиновски вели дека во иднина ќе биде минато.. Новиот деловник кој ќе се применува од септември, ќе барал отчет од судијата зошто не го предлага за одлучување.. Сепак, новиот деловник нема да важи за предметите кои моментално се работат во судот.

Новиот претседател на уставен свесен е за ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем, па вели дека тоа ќе биде прв приоритет во неговата работа. Смета дека судот кој ќе го води во следниот период е најнереформирана институција и ќе бара интервенција во уставот за доуредување на начинот според  кој сега работи Уставен.

„Ако сме свесни за нашата општествена и уставна реалност, тогаш јасно е дека довербата на граѓаните во институциите на системот, довербата на граѓаните во правната држава е на историски најниско ниво. Ако е тоа така, сосема природно за мене како претсседател на Уставниот суд е приоритет над сите приоритети да биде враќањето на довербата на граѓаните во Уставниот суд  и враќањето на довербата во правната држава“, изјави Костадиновски.

Костадиновски ветува поголема транспарентност во работата на Уставен, а како што рече ќе предложи снимање и јавно емитување на судските седници.