Македонија
14. May 2024 - 21:18

Двојно убиство во Стајковци - си ги убил братот и снаата

Улицата број 17 и трагите од крв во куќата број 2 сведочат за грозоморниот чин на двојното убиство кое се случи денеска во скопското село Стајковци, откако 67 годишник ги уби неговиот брат и неговата снаа. 

Со железна шипка им пресудил прво на неговиот брат, па на снаата од неговиот друг брат кој бил неодамна починат. Сите заедно живееле во семејната куќа во Стајковци, каде итната помош снаата ја нашла без траги на живот на скалите во дворот, додека братот набрзо починал на скопските клиники Мајка Тереза.

Полицијата го пронашла сторителот со убодни рани, но истрагата треба да покаже дали тој самиот си ги нанел откако ги извршил убиствата или пак братот и снаата пробале да пружат отпор. 

На лице место со полицијата дошол и обвинител да изврши увид. 

- Причините се утврдуваат. Сторителот е идентификуван и обезбеден. Тој е хоспитализиран со повреди. Обезбедени се траги на лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а по наредба на јавниот обвинител телата на починатите ќе бидат дадени на обдукција.

Соседите велат, дека иако живеат веднаш спроти нивната куќа, во минатото не сведочеле на поголеми кавги и расправии во семејството. Според дел од нив, убиецот бил мирен човек.

Од МВР во официјалното соопштение стои дека сторителот имал здравствени проблеми.