Македонија
15. December 2017 - 15:48

Џафери имаше средба со членови на ДИК во оставка

 Петмина членови на Државната изборна комисија (ДИК) од осумте кои поднесоа оставки денеска биле на средба со претседателот на Собранието Талат Џафери.  

Претседателот на Собранието Џафери за МИА потврди дека ги повикал осумтемина членови на највисокото изборно тело во оставка на средба на која, како што кажа, ги запознал со натамошната процедура за да можат во периодот до констатирањето на оставките да ја подготват институцијата за натамошното функционирање.

Оставките на членовите на ДИК, според првиот човек на Парламентот,  треба да бидат констатирани на седница на 25 декември. 

Членови на Комисијата во оставка потврдуваат дека биле на средба со првиот парламентарец, но никој од нив не соопштува што се разговарало и како ќе функционира Комисијата до изборот на следниот состав. 

Од констатирањето на оставката треба да почне постапка за избор на нови членови на Комисијата. Неизвесно е како ќе се одвива тоа имајќи ги предвид актуелните политички случувања и неприсуството на опозицијата во Парламентот, како и тоа каков став ќе заземе ВМРО-ДПМНЕ по конгресот на партијата на 23 декември, кога треба да биде избрано ново раководство.

Пратеници од владејачкото мнозинство коментираат дека, сепак, можеби оставките на членовите на ДИК биле избрзани и дека ситуацијата е многу сложена. Оставките мора да бидат констатирани или, пак, тие да ги повлечат. Доколку бидат констатирани имајќи го предвид бојкотот на опозицијата не се знае кога и како би завршил изборот на новите членови на Комисијата.