Македонија
7. September 2017 - 20:36

Џафери: Направивме крупни чекори напред во изминатите 26 години

Во изминатите 26 години се направени крупни чекори напред во стратешките цели на Република Македонија, која денес е препознатлив меѓународен субјект и фактор на стабилност во регионот и пошироко, истакна претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери во обраќањето на приемот што го организраше вечерва по повод Денот на независноста - 8-Ми Септември. 

На приемот присуствуваа премиерот Зоран Заев, министри, пратеници од актуелниот и од првиот парламентарен состав, претставници на дипломатскиот кор, верските заедници, граѓанскиот и бизнис секторот... 

Џафери упати благодарност до пратениците од првиот парламентарен состав на Собранието на Република Македонија. Тие, како што нагласи, ја спроведоа волјата на граѓаните изразена на референдумот што се одржа на 8 септември 1991 година со кој Македонците, Албанците, Ромите, Турците, Србите, Власите, Бошњаците и другите се определија за самостојна и независна држава Република Македонија.

- Ако со првиот Илинден од 1903 беше поставена определбата за самостојна држава, на вториот Илинден во 1944 АСНОМ, Република Македонија се здоби со основните елементи на држава како федерална единица во рамките на некогашна Југославија. Таа државотворност и самостојност, беше заокружена на 8 септември 1991 година, преку јасно изразената волја на граѓаните. Целиот процес на осамостојување, од носењето на Уставот, преку носењето на повеќе системски закони, односно создавањето на правниот поредок, се одвиваше преку Собранието на Република Македонија и токму во тоа се гледа историската улога и придонесот на колегите пратеници од првиот парламентарен состав, рече Џафери.

Пред дваесет и шест години, како што наведе Џафери, беа поставени стратешките цели на внатрешен и на надворешен план. На внатрешен план, Република Македонија беше дефинирана како граѓанска држава која се темели врз индивидуалните и колективните човекови права и слободи, врз принципите на парламентарната демократија и владеењето на правото, почитувањето на приватната сопственост и пазарните законитости. Притоа, општество беше дефинирано како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално. На надворешен план, пак, како приоритетна стратешката цел беше поставена целосната интеграција во евроатланските структури, односно, полноправното членство во ЕУ и НАТО.

-  Мислам дека во овие дваесет и шест години, имајќи ги предвид како објективните така и субјективните причини, потоа внатрешните недоразбирања, сепак направивме големи чекори напред во остварувањето на нашите стратешки определби, рече Џафери.

Според него, Република Македонија денес е препознатлив меѓународен субјект кој во одреден временски период претставуваше закана за мирот во регионот, но сега е значаен фактор на стабилноста во регионот и пошироко. Факт е, посочи, дека како млада демократија, сè уште ни треба помош или совет од нашите меѓународни пријатели за решавање на некои наши домашни политички недоразбирања, кои на момент имаат типичен фолклорен карактер, но сепак мислам дека полека ја надминуваме и оваа фаза.

Укажувајќи дека неодамна навршија стоте дена од конституирањето на Собранието а, наскоро ќе поминат и стоте дена од формирањето на Владата  претседателот на Собранието рече дека новото парламентарно мнозинство, има храброст, волја, знаење и капацитет да направи значајни чекори напред, како на внатрешен, така и на надворешен план, во остварувањето на стратешките цели дефинирани пред дваесет и шест години. Во тие процеси очекува придонес да даде и опозицијата, со аргументирана критика меѓутоа и со конструктивни предлози. А мнозинството, како што потенцираше, е должно да создаде услови за опозицијата да може сето ова да го артикулира преку институциите на транспарентен начин пред јавноста. 

- Се надевам дека сите ние кои сме во политиката, благодарение на довербата на граѓаните, ги научивме основните постулати на парламентарната демократија. Односно, при донесувањето на нашите политички одлуки, секогаш во прв план да ни биде граѓанинот, неговите права и слободи, неговата стабилна сегашност и подобра иднина, рече Џафери.

Тој упати честитки за празникот до сите граѓани и посака пред сè, лична среќа, меѓутоа, и поголема посветеност и одговорност за подобра и европска Република Македонија.