Свет
31. December 2016 - 9:30

Џереми Корбин ја спореди Тереза Меј со англискиот крал Хенри Осми

Лидерот на британските лабуристи Џереми Корбин ја спореди Тереза Меј лидерот на владечката конзервативна партија и британски премиер, со англискиот крал Хенри Осми, кога станува збор за гласањето на пратениците околу Брегзит.

Во предновогодишно интервју, за лондонските медиуми, Корбин инсистирал дека не смее да и се дозволи на Меј да користи „кралски привилегии“ за да ги заобиколи пратениците и Долниот дом на Парламентот.

Според лидерот на опозицијата, одбивањето на Меј да го стави на гласање крајниот договор на Владата со ЕУ, за раздружувањето на Лондон и Брисел, ја прави налик на Хенри Осми и неговите кралски самоволија, од пред 500 години.

- Неразбирливо е еден премиер да користи кралски привилегии и овластувања, и да го заобиколи Парламентот за едно вака важно прашање како што е излегувањето на Британија од ЕУ и договорот што ќе се направи за тоа каков ќе биде Брегзитот, истакна Џереми Корбин.

Премиерот Меј, која ја наследи оваа функција по оставката на нејзиниот претходник, Дејвид Камерон кој претрпе пораз на референдумот за ЕУ од 23 јуни, повеќепати досега изјави оти нема да има гласање за постигнатиот договор со Брисел околу Брегзит.

Министри од нејзината Влада, како и весниците што го поддржуваа Брегзитот, инсистираат дека Владата добила овластување од гласачите на референдумот, па дека околу тоа прашање Парламентот нема надлежност.

Лабуристите кои агитираа за останување на Британија во ЕУ, го прифаќаат резултатот од референдумот и уверуваат дека нема да гласаат против „волјата на народот“, но тие бараат Владата да му го достави на Парламентот договорот што ќе го постигне- за дебата и гласање.

Другата опозициска партија, Либералдемократите на Тим Фарон, одат чекор подалеку во барањата до Владата, инсистирајќи не само расправа за договрот за Брегзит, во Парламентот, туку и втор референдум на кои гласачите ќе одлучат  за она што Владата го договорила.