Свет
26. November 2016 - 13:23

Џон Мејџор: „Тиранијата на мнозинството“ го диктира Брегзит

Поранешниот британски премиер Џон Мејџор изрази загриженост дека термините за Брегзит и за почнување на преговорите со ЕУ за излез на Велика Британија од Унијата, ги диктира „тиранијата на мнозинството“, а дека оние 48 отсто од гласачите кои беа за останување во ЕУ се третирани како да не гласале и да не постојат.

Мејџор прифаќа дека Велика Британија нема повеќе да биде целосно членка на ЕУ, но се надева дека договорот за Брегзит ќе и овозможи на земјата, колку што е можно да биде поблиску до другите 27 членки и до единствениот пазар на Унијата.

Тој инсистира дека британскиот Парламент мора да се изјасни околу крајниот договор на владата со Брисел и да одлучи дали да се организира и втор референдум за договорот на Велика Британија со ЕУ.

Актуелната Влада на премиерот Тереза Меј верува дека Врховниот суд ќе је поништи претходната пресуда на лондонскиот Виш суд, според која, Парламентот мора да гласа пред Владата да го покрене членот 50 од Лисабонската спогодба за излез од ЕУ.

Мејџор, како и неговиот наследник Тони Блер, беа против напуштањето на Унијата и еднаш заедно агитираа во Северна Ирска, предупредувајќи дека Брегзит може да предизвика дестабилизација на оваа покраина и да изнуди нов референдум во Шкотска за отцепување.

Портпаролот на кампањата за напуштање на ЕУ, Том Брук ги отфрли ставовите на поранешниот премиер и екс-лидер на конзервативците, Џон Мејџор.

Брук ги повтори позициите на антиевропејците дека гласачите на референдумот, гласајќи за Брегзит, гласале и за напуштање на заедничкиот пазар на ЕУ.