Македонија
10. February 2023 - 11:54

ДЗР: Потрошени најмалку 20 милиони евра за ПЦР тестови на приватно

Најмалку 20 милиони евра потрошиле граѓаните за приватни ПЦР тестови во последните 3 години, открива Државниот завод за ревизија во конечниот ревизорски извештај на Фондот за здравствено осигурување за минатата година.

Ревизија констатирала дека се намалил бројот на услуги од договорениот надоместок поради што 106 од вкупно 116 јавни здравствени установи имаат статус на неодржливи.

ДЗР изразува мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2021 година. 

Ревизорите утврдиле слабости во спроведувањето на интерните и теренските контроли при потврдувањето на објективноста на фактурираните услуги. 

-Ревизорите во извршената ревизија констатираат слабости во контролите при препишување и издавање лекови, непочитување на роковите при вршењето на контролите и изрекувањето на договорните казни, поради невоспоставени контроли исплатувани се надоместоци за боледување и кога осигурениците остварувале плата, како и слабости при утврдување и контрола на реализација на условен надоместок на ЈЗУ, велат од Државниот завод за ревизија.