Македонија
31. July 2017 - 15:38

ДЗС: Авионите оперативни, Македонија сама се справува со пожарите

Воздухопловите АТ-802А Фајр Бос се 100-процентно оперативни и континуирано, самостојно или со поддршка од хеликоптерите на АРМ, учествуваат во гаснење на шумските пожари на целата територија на Македонија, соопшти денеска Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Според ДЗС, по воведувањето на овие авиони Македонија потполно самостојно се справува со сите шумски пожари, за разлика од повеќето земји од регионот кои редовно се соочуваат со големи проблеми во летната сезона.

- Поседуваме три противпожарни воздухоплови (амфибии) од типот Ер Трактор АТ-802А Фајр Бос, секој со капацитет од 3.100 литри вода. Се работи за наменски противпожарни воздухоплови кои претставуваат ударна и примарна противпожарна воздухопловна сила на која од 2010 година до денес се потпира Република Македонија. Во поддршка на флотата на ДЗС по потреба се вклучува и АРМ со хеликоптери од типот Ми-8/17 со противпожарни ведра со капацитет од 2.000 и 2.500 литри вода, информира Дирекцијата.

Воедно додава дека за време на неопходните еднодневни технички инспекции на флотата авиони АТ-802А Фајр Бос, хеликоптерите на АРМ обезбедија континуитет во операциите. 

Во врска со операциите во реонот на Македонски Брод, ДЗС нагласува дека со авионите континуирано дејствуваше од 19 до 29 јули. Притоа, остварен е вкупен налет во противпожарни операции од 44 часа и 40 минути. Воздухопловите дејствуваа во 89 наврати, а пламените стихии се бомбардирани со вкупно 275.900 литри вода. Во операциите се вклучени и два хеликоптера Ми-17 на АРМ.

- Интензивните операции на авионите на ДЗС во периодот 19-29 јули, како и технологијата на одржување на леталата доведоа до потреба од краток прекин во воздухопловните операции на ДЗС поради потребата од редовни и вонредни инспекции на системите на авионите АТ-802А Фајр Бос, како и поправка на одредени помали дефекти кои се јавија како резултат на интензивното летање во текот на Јули 2017 година. Сите тие работи беа успешно завршени вчера, од воздухопловно-техничкиот персонал на ДЗС. Авионите на ДЗС се повторно целосно оперативни и од утрово интензивно дејствуваат во реонот на село Требовље, Македонски Брод, наведува ДЗС.

Дирекцијата дава и детален преглед на резултатите од дејствувањето на флотата годинава, заклучно со 29 јули.

- Од 3 април до 29 јули, авионите на ДЗС вкупно 12 дена активно учествуваа во гасење големи шумски пожари на пет различни локации во Македонија. Остварен е вкупен налет од 67 часови и 20 минути при што се извршени вкупно 168 дејства врз пожар и се исфрлени вкупно 520.800 литри вода, информира ДЗС.