Македонија
26. November 2025 - 12:23

„Екранизмот“ нова закана за говорните нарушувања кај децата

Сè поголем број деца во Македонија се соочуваат со проблеми во говорниот развој, предупредуваат логопедите. Во последните години, според нивните проценки, значителен е бројот на деца со неправилно изговорени гласови, одложен говор и нарушена артикулација. Причините за говорно јазични проблеми можат да бидат од органски, неоргански или психолошки тип и под влијание на средината. 

- Се почеста е појавата на т.н. „екранизам“ кај децата, наликува на аутизам, има слични елементи, но не е аутизам и е предизвикан од срединските фактори во која детето расте, доколку е изложено во несоодветната возраст пред екрани, изјави Тања Андоновска, логопед, ДГ „Вера Циривири Трена“- Штип

Детето учи да зборува преку гледање лица, артикулација и имитирање на возрасните. Кога голем дел од денот е поминат пред екран, овие природни механизми се нарушуваат. Современиот начин на живот и трендот на „електронско смирување“ на малите деца со видеа и апликации, доведува до тоа сè поголем број од нив да не ги совладуваат основните говорни фази навреме. Детето гледа движење и звук, но не комуницира, а комуникацијата е сржта на говорниот развој.

- Предолгата изложеност пред екраните не го дава потребниот градежен материјал за да се овозможи здрава сензорна интеграција, која е многу важна за развојот на здрава единка. Не е добро детето, од најрана возраст, од 0 до 3-4 години, да биде изложувано пред екрани и да користи таблети, да му бидат достапни телефони, затоа што информацијата детето ја добива како сетилно чувство, додаде Андоновска

Екранизмот станува сериозен фактор во говорните нарушувања на децата, а решението е во комбинација од информираност, активна родителска улога и навремена професионална поддршка.